Инспекторот Ѓорѓи Илиевски денеска поднесе нова пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата за случајот со наводното незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули.
Тој ги информира антикорупционерите дека незаконски е направен вонредниот инспекциски надзор на тетовскиот универзитет што го направија инспектори на Државниот просветен инспекторат.
Од нивниот вонреден инспекциски надзор во универзитетот во Тетово, констатирале дека нема незаконски пропусти во нивните унапредувања. Ваквиот чин на вонреден инспекциски надзор е неуставен и е вршен според новиот Закон за високо образование (Сл. весник на РМ бр.8.05.2018) односно, согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија , законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство, освен во исклучок, во случаи која тоа е поволно за граѓаните, вели Илиевски.
Дополнително, Илиевски информира дека вонредниот инспекциски надзор го извршил, меѓу другите, и Главниот инспектор Африм Саљиу – кој има судир на интереси согласно член 17 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс на инспекторите каде што е вработена неговата ќерка на истиот тој факултет.
Просветниот инспектор открива и дека за ова го информирал и премиерот Зоран Заев, а тој му одговори во порака дека унапредувањето е согласно новиот Закон за високо образование од 2018 година и дека нема никакви пречки.
Не знам кој го советува премиерот, но асистентите, доцентите и вонредните професори не се вработени трајно, туку тие се на определен рок, затоа и ја имаат таа привилегија за продолжување на роковите по завршувањето на нивниот мандат, вели Илиевски
Според него, веќе не станува збор за утврдување на законитости, а случајот е исполитизиран со цел да се заштитат функционерите.
Comments are closed for this post.