Православните верници денеска го слават празникот Прочка, или Велики Поклади. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости. Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето.

И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Помладите бараат прошка од постарите, децата од родителите. Помладиот им се обраќаат на постарит со зборовите „Прости ми!“ на што повозрасните одговараат: „Простено да ти е и од мене и од Господа“,.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.