Она што најмногу ни недостасува 30 години и тука мислам заостануваме уште повеќе отколку во реформите во правосудството, е што ние не можеме да се собереме и да направиме консензус за неколку битни прашања. Последнава година ни за ЕУ, ни за Бугарија, ни за Законот за попис. Знам дека за консензус треба двајца, не велам кој е покабает, но мора да ги пречекоруваме партиските и етничките линии и јазови, бидејќи многу нѐ делат. Не зборувам за демократските разлики, тие се потребни, не може сите исто да мислиме.
Ова, меѓу другото, го изјави претседателот Стево Пендаровски, во најновото, денешно интервју за МКД.мк.
Меѓутоа, неговиот најнов став дека во државата не постои консензус за преговорите и односите со Бугарија е спротивно со тоа што тој го изнесе во неговото годишно обраќање во Собранието, што го имаше на 16 декември. За потсетување, тогаш Пендаровски изјави дека нема потреба од собраниска седница на која би се утврдиле македонските црвени линии во однос на проблемот со Бугарија, зашто, како што рече, ниту еден парламентарен субјект не го спори македонскиот идентитет и јазик.
-За мене е несериозно во 2020 да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Пендаровски.
Тој во обраќањето уште потенцираше дека црвените линии во контекст на актуелниот проблем со Бугарија одамна ги имаме утврдено.
-Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања и денес и во иднина затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ, Манифестот на македонскиот народ и документот осум за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава, рече тогаш Пендаровски.
Ако е „несериозно“ да се собираат „сите релевантни политички партии и политичари“, особено во Собранието, а камо ли на лидерска средба, тогаш зошто претседателот Пендаровски се жали на отсуство на консензус и каде и за што тој треба да се постигне? Но, индикативно е што тој самиот го симна нивото на црвените линии. Зашто, неговата црвена линија изнесена и во интервјуа за Еуроактив и за 360 Степени од 20/ 21 јуни 2019 година и од 2 мај 2020 година беше Гоце Делчев, кого сега воопшто не го споменува.
Comments are closed for this post.