Транскрипт со превод на македонски јазик од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на посебниот панел „Важноста на регионалната соработка на Балканот за идните генерации“ со којшто модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“, а во рамки на нејзиното учество на осмиот Париски мировен форум.
Модератор Мишел Дикло: Дами и господа, добро утро. Големо задоволство и чест ми е да Ве поздравам, госпоѓо претседател. Ви беше даден избор и Вие ја избравте темата „Младите и процесот на интеграција во Европската Унија“. Младите во Вашата земја и во регионот на Западен Балкан. Можеби моето прво прашање ќе биде многу едноставно. Зошто ја избравте оваа тема? Зошто ова e важно од Ваша гледна точка?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Веројатно сите го слушнавте прашањето, зошто ја избрав оваа тема. Дозволете ми, да објаснам зошто.
Неодамна имав предавање на Универзитетот „Колумбија“, а насловот на моето предавање беше „Маратонот на Западен Балкан кон Брисел или Чекајќи го Годо“. Зошто ја избрав оваа тема? Бидејќи е добро познато дека ние, на Балканот, отсекогаш сме биле дел од Европа, не само географски, туку историски и културно. Значи, ја сметам оваа поделба, Исток и Запад, за вештачка и мислам дека денес ова е сосема нормален предизвик за оние во семејството на ЕУ да нè прифатат назад во нашиот дом и затоа интеграцијата ја нарекувам реинтеграција или повторно обединување. Тоа е толку нормално и го сметам тој политички влез во ЕУ за круна и затоа не ги заведував моите студенти учејќи ги, можеби не знам повеќе од 30 години, за инспиративниот, sui generis политички систем на ЕУ, не на држава, туку и верував во тоа. Имено, она во што верувам се Копенхагенските критериуми и она во што верувам е владеењето на правото наместо владеењето на човекот.
Затоа, како поранешен долгогодишен член на Венецијанската комисија, минатата недела, во мојот говор реков дека се боревме против владеењето на човекот или против Шајлоци или против венецијанските трговци. Затоа денес, соочени со безбедносни проблеми, бидејќи не зборуваме само за прашањето на проширувањето, бидејќи денес ЕУ мора да биде поголема, посилна, подлабока и ние сме први на тој пат до неа бидејќи Западен Балкан е тука, и покрај фактот дека можеби некој би можел да ми го објасни значењето на оваа синтагма „Западен Балкан“. Навистина не знам што значи бидејќи прво, во 2000 година, се дефинираше како поранешни југословенски држави коишто не беа дел од НАТО и од ЕУ. Потоа, кога Словенија влезе во ЕУ, можете ли да замислите промена на географијата? Минус Словенија плус Албанија, потоа минус Хрватска плус Косово и денес не знам што значи, веројатно Вие знаете подобро од мене, како експерт за геополитика, а јас ја сметав и сè уште ја сметам за периферија на периферијата на Европа. Но, кога велам дека припаѓаме на Европа, го имам на ум дури и името. Европа, малата Европа е од овој регион, од балканскиот регион, и беше киднапирана од Зевс, како што знаете, кој беше трансформиран во бик. Значи, нормално, мислам дека бевме и би сакале да бидеме во ЕУ. И по толку години, за време на комунистичкиот период, охрабрувајќи се да се стави крај на таа транзиција кон комунизам, утописка транзиција, навистина верувам дека не влегуваме во друга транзиција. Но, мојата земја стана или доби или и беше даден статус на кандидат во 2005 година. Значи, бебињата сега се 20-годишни студенти, мои студенти и сè уште чекаат одговор на нашето основно прашање. Заглавени сме, сме во прокрустов кревет, ние сме, не знам што, пред вратата на Брисел и навистина многу политичари би сакале или не би сакале, да звучам многу како поетите коишто велат дека ЕУ е недовршена симфонија без Западен Балкан или дека е Ахилова пета. Но, јас сум во Париз и не очекувам на оваа конференција, Ахил да биде погоден од Парис како што беше во митологијата.
Модератор Мишел Дикло: Но, каква е важноста на младите во тој поглед?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Точно, младите во Западен Балкан не се или не персонифицираат бунтовници без причина, туку бунтовници со причина. Всушност, учејќи ги не само компаративно уставно право, туку и компаративни политички системи, дури и за време на поранешна Југославија тој предмет постоеше на нашите факултети, тие се препознаваат себеси како Европејци. Нивната перцепција е и моја перцепција ‒ ние се перципираме себеси како Европејци.
За жал, се соочуваме, сите овие 30 години, со егзодус ‒ најпаметните студенти, најдобрите студенти заминуваат од Западен Балкан. Можеби една третина од населението го напушти Западен Балкан. Зошто? Водени од мотото ubi bene, ibi patria. Ако е подобро во Франција, тие се подготвени да одат во Франција. Тоа е една од причините. Но, искрено, кога влеговме во транзиција и во демократска консолидација, заборавивме на она на што еднаш предупреди Дарендорф, дека може да се промени Уставот, можеби може да се воведе и либерална економија, но за функционална демократија се потребни децении. И влеговме како lupus in fabula, неподготвени. Товарот беше авторитарното наследство или можеби титоизмот, како бонапартизмот, на пример. Потоа политичката култура, многу патријархализам и парохијализам. Потоа кревко граѓанско општество. Потоа партитократија, италијански систем, модел којшто вели дека не можете да видите каде завршува партијата, а каде почнува државата. Два моќни поединци и ранливи или кршливи институции. Значи, процесот на донесување одлуки се наоѓа во одредени личности. А потоа предупредувањето на Лорд Актон дека секоја моќ се заканува да корумпира. Апсолутната моќ апсолутно ги корумпира луѓето. Потоа профилот на лидерите ‒ криза на лидерите. Лидери коишто не беа посветени на Res publica, туку сакаа да се збогатат преку ноќ. Исто така, во овој процес на поделба на власта, моќта најчесто беше во извршната власт, во владата. Британските научници или луѓе велат дека премиерот е luna inter stellas minores, дека е месечина меѓу мали ѕвезди. Но, на Балканот, понекогаш тие беа како Амон Ра, како Сонцето, толку моќни. Исто така, меритократијата беше нешто заборавено и се појави расипан систем.
Понекогаш кога сакам да звучам цинично, велам, што би сакале? Она што би го сакале, можеби, затоа што во Америка, имаше еден убиен претседател, Гарфилд, од страна на незадоволен член, можеби, не знам, кој го поддржуваше. И потоа го усвоија Законот Пендлтон, велејќи дека, да, како што имате тука одлично училиште. Видов во Вашата биографија дека бевте таму. Значи, она што ни треба е меритократија наместо расипан систем. Затоа што тогаш посветени војници на партиските лидери ги заземаат најважните позиции, а најдобрите студенти ја напуштаат земјата. Морам да кажам дека ја изгубија надежта што секогаш умира последна или никогаш не умира. Зошто? Чекање, чекање да започне или чекање да стане членка на ЕУ. Тоа е обесхрабрувачко за нив. А, можете ли да замислите, во моментов видов некои податоци, 40, повеќе од 45 проценти од младите македонски лица мислат дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ. 48 проценти. Но, ако го споредите ова со 90-тите, тогаш процентот беше поголем. Зошто? Поради двојните стандарди, односно поради нешто што професорот Џозеф Вајлер, Американец, добро го знаете, вели дека понекогаш овој процес на проширување го потсетува на игра меѓу богат и сиромашен брат, а богатиот вели: слушај и прави. Но, тој исто така мисли, и се согласувам со него, дека можеби ние, кандидатите за ЕУ или кандидатите за кандидати, исто така се грижиме за ЕУ и можеби имаме некои идеи коишто би можеле да бидат слушнати.

Модератор Мишел Дикло: И да дадете придонес.
Претседателката Сиљановска-Давкова: Да.
Модератор Мишел Дикло: Што мислите дека би било потребно за да се оди побрзо, да се деблокира сегашниот ќор-сокак, барем многу бавно движење во овој процес?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Прво, многу ми се допаѓа она што Макрон го кажа пред студентите на Сорбона во 2024 година, дека ЕУ не е само бирократска или политичка машинерија. Дека ЕУ е филозофија. Целосно се согласувам со ова, како и со тоа дека ЕУ и нејзината работа, постоење, се засноваат на вредности и принципи. Тоа е она што понекогаш се занемарува. Секогаш велам, Ве молам обрнете внимание на Договорот за ЕУ, на Преамбулата, алинеја 6, во која се вели дека ЕУ го почитува националниот и културниот идентитет на државите и на народите. Исто така, дека ЕУ е единство што ја почитува различноста. Потоа, член 4, којшто вели дека ЕУ ги почитува уставните структури. Исто така, една одредба во членовите на Преамбулата вели дека ЕУ го почитува достоинството и интегритетот. Исто така, дека ЕУ ги охрабрува членките на ЕУ да склучуваат или да потпишуваат договори со соседите врз основа на принципот на реципроцитет. Дури и да постои посветеност на принципите и на вредностите од Лисабонскиот договор, член 7 вели дека во случај на кршење на основните принципи и вредности од страна на членките на ЕУ, една третина од пратениците во Парламентот или Комисијата би можеле да поведат постапка пред Европскиот совет. Зошто? Да се суспендираат или да се ограничат правата на земјата што ги крши принципите. Многу пати сме се соочиле со кршење на принципите од страна на некои членки на ЕУ. Зошто? Затоа што ни се закануваат со вето „ако не го промените Уставот“ или „ако не го направите ова или она, нема да станете членка на ЕУ“. Мојот предлог или препорака е секогаш: Да се обидеме да бидеме малку како Скандинавците бидејќи Шведска, Норвешка и Финска дадоа толку силна поддршка за балтичките држави, па затоа сум навистина изненадена. Очекувам разбирање од соседите и поддршка од членките, но тоа не се случува. Значи, веќе споменав двојни стандарди. Мислам дека ЕУ мора да ги потсети членките на Копенхагенските критериуми бидејќи тоа е она што ни треба мене, на моите студенти, на младите ‒ владеење на правото, поделба на власта, независно судство, процес на донесување одлуки во силни институции, партиципативна политичка култура, либерална економија. Тоа се принципи што нам ни се очајно потребни. Но, користењето на членството во ЕУ за ревидирање на историјата е спротивно и на основните правила, основните принципи и вредности на ЕУ, но и на нашите устави, и тоа е спротивно на Повелбата на ООН, а исто така и на основните документи на ООН.
Модератор Мишел Дикло: Има уште три минути. Дали има прашање од публиката? Многу кратко, Ве молам.
Прашање: Добро утро. Прво, би сакал да се заблагодарам на госпоѓата претседател за посетата на Париз. Моето прашање е за двајцата. Дали сметате дека она што ги блокираше македонските преговори со ЕУ во 2019 година беше новиот процес на проширување? Во тоа време, Република Македонија беше подготвена да преговара, но Бугарија стави вето на ова. Каква гаранција можеме да имаме дека земја членка на ЕУ нема да го стори истото од билатерални причини во иднина?
Модератор Мишел Дикло: Имате една минута за ова тешко прашање.
Претседателката Сиљановска-Давкова: Не, не е тешко. Инспиративно е. Потпишавме таканаречен Договор за пријателство и добрососедски односи со Бугарија во 2017 година. А во 2019 година, го сменивме не само Уставот, туку и нешто што никогаш не е сменето ‒ името. Зошто? Бидејќи тогаш го потпишавме и ратификувавме Преспанскиот договор. Во овој договор има член којшто вели дека можеме да организираме референдум. Дозволете ми да Ви го кажам прашањето за референдумот. Многу интересно прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со потпишување на овој договор?“ Како професор по право, мојот коментар е дека кога некој ме прашува дали сум за членство, тоа значи дека оние во ЕУ се за мое членство. А сега што им треба? Легитимитет којшто произлегува од граѓаните. Влеговме во НАТО, но ЕУ не е само далеку од нас затоа што тогаш беше членство. Сега, повторно, мора да го смениме Уставот, тоа е барањето, ако сакаме да започнеме преговори. Сите нè потсетуваат на pacta sunt servanda дека навистина мора да ги почитуваме двата договора. Дозволете ми да ви кажам нешто. Постои член 7 во Преспанскиот договор кој вели: терминот Македонија за втората страна, безимена страна, значи територија, народ со сопствена историја, култура и јазик. А сега мора да разговараме со Бугарија за нашата историја, култура и јазик. Немам одговор, навистина. Доколку постои Договор за добрососедство и пријателство, Ве молам обидете се да го проверите овој Договор за добрососедски односи и пријателство. Нема член за промена на Уставот, но сега мора да го промениме Уставот. И замислете, ова барање е вклучено во преговарачката рамка и во заклучоците за нас. Значи, навистина, како да кажам, in dubio res.







Comments are closed for this post.