Доцна синоќа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имале средба во Владата на која разговарале за законите за јавното обвинителство, дознава Пресинг ТВ.
На иста маса биле и лидерите на работните групи – министерката за правда, Рената Дескоска и адвокатот Тони Менкиноски.
Според неофицијалните информации, тричасовните разговори кои почнале синоќа околу 23 часот, расчистиле некои дилеми, но и двете страни засега остануваат на своите позиции, особено за идниот статус на СЈО.
Министерката Дескоска ни ја потврди средбата и додаде „дека од неа нема ништо посебно, а консултациите продолжуваат“.
Речиси идентична изјава ни даде и Менкиноски, но додаде дека „ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на своите позиции“.
Тоа значи СЈО во рамки на Јавното обвинителство за гонење криминал и корупција, додека, пак, СДСМ предложи сосема спротивно од нивното барање – тоа обвинителството за криминал и корупција од 2022 година да биде под капата на СЈО.
Но, како што се водат преговорите, се чини дека СДСМ, иако дава отпор, сепак е спремно на измени во законскиот текст, а тоа го потврди и премиерот Заев. Тој вчера рече дека „бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушкување нема да бидат во нова доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство.
„ Таму јасно стои во членот 105, ставот 4, дека „бомбите“ веќе нема да бидат во доказната постапка, а материјалните докази нормално дека постојат, тие се живи, рече Заев.
Тој притоа појасни дека „бомбите“, што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, ќе продолжат и натаму да се користат, додека за предметите после 30 јуни 2017 година тие нема да бидат докази во постапките.
Comments are closed for this post.