До крајот на неделава најверојатно ќе се одржи лидерска средба меѓу шефот на СДСМ и премиер, Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дознава Пресинг ТВ.

Точниот датум на средбата се уште не се знае, но извори за Пресинг ТВ велат дека и кај двете страни постои расположение за средба до крајот на неделава и конечно да се одврзе Гордиевиот јазол за СЈО.

Клучната точка за која во моментот двете страни треба да се приближат е идниот статус на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ за сега стои на позициите тоа да биде посебно одделение во рамки на Јавното обвинителство, додека СДСМ бара одвоено СЈО.

Ова се очекува да биде прифатено од опозицијата, но условено – првин се бара СЈО да го води нов специјален обвинител, односно Катица Јанева да биде сменета, но и да бидат уништени доказните материјали кои се однесуваат за случаи за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, притоа повикувајќи се на праксата од Советот на Европа.

ВМРО-ДПМНЕ се согласува да бидат завршени почнатите постапки, но тие во иднина да бидат под надзор на републичкиот јавен обвинител со кого ќе се решава кои предмети ќе се затворат, а кои ќе бидат понатаму процесирани.

Инаку, според неофицијалните информации на Пресинг ТВ, во рамки на досегашните преговори работната група предводена од министерката за правда Рената Дескоска дала согласност за предлогот на опозицијата да се укине Вишото јавно обвинителство, со образложение дека е непотребно и само залудно се трошат пари и кадри на нефункционален дел од обвинителскиот механизам.