Ми се јави директорот на Агенцијата за национална безбезбедност (АНБ), Виктор Димовски, и ме информираше дека во петок ќе присуствува на собраниската седница на Комисијата за надзор врз работата на АНБ и дека тогаш ќе ги изнесе сите детали околу државјанството на контроверзниот украински политичар Олександр Онишченко, истакна претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов.
Пренџов додаде дека седницата може да биде од отворен или од затворен карактер, но за тоа ќе одлучи самиот Димовски.
– Седницата е закажана за утре напладне, но Димовски ќе дојде в петок, бидејќи два дена е на службен пат во Брисел. Ми се јави и ме извести дека нема да биде присутен во земјава, но дека сака лично пред Комисијата да ги каже своите ставови околу доделувањето македонско државјанство на Украинецот Онишченко. Така што, јас утре ќе ја отворам седницата, ќе ги поделам материјалите на членовите и ќе го утврдиме дневниот ред. Но, седницата ќе продолжи в петок кога ќе присуствува и директорот на АНБ. Седницата засега е отворена за јавноста, но доколку Димовски побара, таа ќе биде од затворен тип, нагласи Пренџов.
Контроверзниот Онишченко го доби македонскиот пасош по иницијатива на Федерацијата за коњички спортови од каде оцениле тој може да придонесе за развој на овој спорт.
Comments are closed for this post.