Собраниската седница денеска почна по два часа од закажаниот термин и набргу беше прекината поради недоволен број присутни пратеници во салата.

Откако заменик-министерот за правда Агим Нухиу го образложи Предлогот поднесен од Владата за изменување и дополнување на Законот за прекршоци, по скратена постапка, кои се однесуваат на прекршоци во животната средина, гласањето беше поништено зашто немаше кворум и претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 34-та седница.

На почетокот на седницата беше констатирана оставка на Неда Чаловска од функцијата член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На дневен ред на оваа седница се 70-ина точки, меѓу кои Предлог законот за дополнување на Законот за средното образование, по скратена постапка, Информацијата за Нацрт-концепцијата за основно образование, предлог-измени на законите за оружјето, за прекршоците против јавниот ред и мир, за патните исправи, за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Законот за здравствената заштита…