Со средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска ќе ги продолжи разговорите со коалициските партнери за изнаоѓање заеднички консензуален кандидат за престојните претседателски избори.
Денеска продолжуваме со средбите со политичките партии на нашите коалициски партнери од албанскиот блок. Прво ќе има средба со ДУИ, а потоа продолжуваме со БЕСА на Африм Гаши, како и со Мендух Тачи. Ќе направам напори и сакам да се видам и со Зијадин Села од Алијанса на Албанците и БЕСА на Билал Касами за да можеме да поразговараме и да видиме дали можеме сите да застанеме зад заеднички кандидат кој е прифатлив за сите граѓани од секаква политичка, етничка и социјална припадност. Верувам дека тоа е изводливо. Ако го направиме тоа, уште еднаш го потврдуваме „едно општество за сите” и праќаме сериозна порака за охрабрување кон граѓаните за нашата одговорност да се надминеме себеси и да застанеме зад личност за која однапред веруваме дека ќе биде одличен претседател на Република Северна Македонија, изјави Заев во одговор на прашање на промоцијата на Научно-технолошкиот парк во Скопје.
Тој нагласи дека бараат заедничко решение прифатливо за сите граѓани и додаде дека на вчерашната средба со коалициските партнери од коалицијата предводена од СДСМ, лидерите на партиите начелно потврдиле дека се за заеднички претседателски кандидат.
Comments are closed for this post.