Постигната е согласност за улогата на Бугарија во контекст на делото на светите солунски браќа, како и за зачувувањето и развојот на она што тие го правеле заедно со своите ученици, изјавил копретседателот на Комисијата од бугарската страна, Ангел Димитров, по првиот работен ден на заедничката македонско-бугарска комисија на средбата во Софија.
Агенцијата БГНЕС ја потврдува постигнатата согласност за чествување на светите браќа Кирил и Методиј.
Директорот на Институтот за национална инсторија, Драги Ѓорѓиев, кој го предводи македонскиот тим историчари, оценил дека е постигнат сериозен напредок само за неколку месеци, посебно околу историските несогласувања меѓу двете земји во периодот на 60-70 години од минатиот век.
Ние само за шест-седум месеци успеавме на некои прашања од минатото да погледнеме од друг аспект, изјави Горѓиев и додаде дека тешкотиите доаѓаат од наметнатите стереотипи низ годините.
Според Ѓорѓиев, идните генерации ќе можат да гледаат на историските личности како на дел од вкупната цивилизација, а не тие да бидат поделени на, како што вели, такви или онакви. Тој информира дека биле разменети мислења со бугарската страна за прашања од античкиот и средновековниот период, кои според него, можат да бидат променети.
Димитров констатира дека успехот во Комисијата ќе биде постигнат тогаш кога „на воздржан начин ќе се каже историската вистина“. Тој нагласи дека несогласувањата се однесуваат на учебниците за основните училишта во Северна Македонија.
Чекор напред може да се направи. Она за што разговараме, мора да оди на разгледување пред двете влади. Неопходна е политичка волја, што може да доведе до промена на учебниците и целокупната интерпретација на минатото. Се надевам дека свој придонес во тоа ќе дадат и медиумите во двете земји, нагласува Димитров.
Тој смета дека и најделикатните прашања можат да бидат решени со обострана добра волја.
Се очекува денеска на крајот од дводневната средба во Софија, Димитров и Ѓорѓиев да имаат заедничка средба со новинарите на која ќе информираат за резултатите од разговорите.
Comments are closed for this post.