Територијата на целата држава денеска беше зафатена со високи температури од жолта (алертна) фаза.
Од службата на Итна медицинска помош велат дека интервенирале кај хронично болни, но и кај млади лица што претходно немале здравствени проблеми. Во сите 20 случаи, само во Скопје , луѓето се онесвестиле на улица, во продавница или на друго јавно место.
Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури и да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, доколку е можно во светли бои кои ја рефлектираат светлината.
Се препорачува консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и избегнување термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови. Потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Во текот на ваквите екстремно топли денови, се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија.
Comments are closed for this post.