Младите на возраст од 15 до 29 години од 1 јули годинава ќе можат да ја користат Европската младинска картичка, со која добиваат поволности и попусти во повеќе од 300 субјекти поделени во неколку сектори, и тоа угостителски објекти, малопродажба, култура, спорт, едукативни центри за обуки за стручни вештини итн. во земјава и во странство.

Картичка е бесплатна и за неа може да аплицира секој млад човек во државата преку регистрација на www.mladinskakarticka.mk. За картичката ќе се аплицира онлајн и ќе може да се подигне на повеќе локации или да биде испратена по пошта.

На почеток младите ќе добиваат попусти и поволности, но проектот предвидува во иднина таа да се прошири и да се користи за плаќање, за внесување стекнати вештини и искуства и да претставува еден вид лична карта на младите во земјата и во странство.

Можностите и начинот на добивање на Европската младинска картичка минатата недела пред младите ги претставија премиерот Зоран Заев, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

Во проектот досега се вклучени околу 300 субјекти, како што се кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други што ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.

Картичката е поделена во неколку категории, и тоа: во угостителски објекти – има голем број кафулиња и ресторани што нудат од пет до 25 проценти попусти за младите. Во категоријата малопродажба има продавници за храна, облека, книжарници и продавници што нудат соодветни услуги за младите. Во категоријата култура се вклучени институции како МНТ, МОБ, Театар „Комедија“, Театар за деца и младинци и други што нудат 50 проценти на услугите.

Во катергоријата спорт влегуваат спортските центри „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, продавници како што се „Мондано“, „Полеспорт“, „Триспорт“ и многу други спортски објекти што што се пред сè во насока на услуги на младите да спортуваат и да се рекреираат.

Во категоријата едукативни центри и обуки за стручни вештини има широка понуда на обуки за стручни вештини преку Стопанската комора, а од приватниот сектор се „Семос едукација“, „Сивус“, „Брејнстер“, центри за странски јазици и останати субјекти што овозможуваат попусти и квалитетна содржина на обуки потребни за младите за нивна доедукација, развој и напредок.

Халк банка е единствена банка партнер и поддржувач на овој проект и нуди повеќе поволности.

Услугите не се централизирани само во главниот град, туку низ повеќе градови низ државата. Тука се и туристичките центри како Попова Шапка, Маврово, Охрид и други што нудат дополнителни можности за младите. Подигањето на картичката е од 1 јули 2019 година.

Вклучување кон системот на Европска младинска картичка

Втората фаза од „Младинска картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“, кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, рече дека „Европската младинска картичка“ е резултат на заедничките заложби на двете различни владини институции за да обезбедат дополнителни придобивки за младите.

 Агенцијата за млади и спорт ќе се грижи за обезбедување на што е можно поширок спектар услуги со привилегирани цени за младите, додека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе ги искористи своите ресурси од програмата „Еразмус+“ за да отвори нови перспективи за младите од областа на неформалното и и формалното образование, како и во делот на поттикнување зголемена мобилност на младите. На овој начин, успеваме да отвориме нови можности за младите, притоа водејќи сметка за исклучително строгите одредби на новата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ, рече директорката Димова.

Посочи дека Националната агенција во текот на следната година планира процес на дигитализација, со што ќе стане возможно сите обуки, сертификати и стекнати вештини и во земјата и во странство, заедно со дефинирани резултати од учењето да може да се регистрираат на оваа младинска картичка.

Европската младинска картичка е бесплатна. Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Повикот за аплицирање за картичката  е отворен на веб-страницата mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките ќе почне од 1 јули 2019 година. Младите ќе може да ги подигнат картичките и да се информираат на повеќе локации одредени од Агенцијата за млади и спорт, а постои можност картичката да им биде доставена и по пошта.