„Оценката за слободата на медиумите мора да биде подобрена во извештаите. Огромни предизвици има во секоја држава поради тоа под каков притисок се медиумите. Овој ден го одбележуваме со ослободени медиуми од какво било влијание. Ние како влада ве уверуваме, никогаш нема да се мешаме во работата на медиумите. Го преземаме ризикот критиките да бидат упатени кон нас. Преку медиумите граѓаните мора да имаат информација како се трошат нивните пари. Сепак, медиумите се далеку од нивото што го посакуваме. Ќе работиме на внатрешната поставеност и финансирањето за подобрување на истражувачкото новинарство. Не сакаме никој да мисли дека владата прави некакви ограничувања“, рече министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Тој потенцираше дека во наредниот период Владата ќе се наосчи и кон медиумската писменост на граѓаните. Поповски упати благодарност до сите медиуми што ги следеа изборите.

„Се случија мноштво дебати. Кандидатите се секој ден на дебата. Тоа е нешто што го немавме повеќе од една деценија“, рече Поповски.

Поповски најави и субвенции за електронските медиуми на ист принцип како што финансиски беа помогнати печатените медиуми.