Тврди дека се беспредметни сите калкулации околу етничката припадност со оглед на тоа што граѓаните ќе се попишуваат како резиденти и македонски државјани кои се иселени повеќе од една година. За барањата и забелешките на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Заев вели дека понекогаш се нерационални но земјава преку донации ќе побара најмалку 5000 апарати за отпечаток на прст.
ВМРО ДПМНЕ вчера го повтори ставот дека нема да го поддржи законот за попис откако владејачкото мнозинство во собранието ги одби сите амандмани. Од партијата велат дека нема да ги признаат резултатите од пописот и најавија нов кога би дошле на власт. На ова од СДСМ одговорија дека опозициската партија дејствува спротивно на државните интереси и дека попишувањето на граѓаните е законска обврска а не желба на поединци.
Во однос на забелешката на опозицијата дека не е објавена методологијата за попишување, од Државниот завод за статистика посочија дека е подготвена но не може да се објави пред да се донесе законот.
Законот за попис се очекува да се најде пред пратениците на пленарна седница по 18 јануари, а предвидува попишувањето на населението, домаќинствата и становите во земјава да се спроведе од 1 до 21 април годинава.
Comments are closed for this post.