Меѓупартиско парламентарно тело за помирување е формирано денес во Собранието на координација кај спикерот Талат Џафери, но на координацијата не дојде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во телото ќе членуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, како и пратеници кои не се во пратеничка група, а претставник треба да одредат поголемите пратенички групи, оние на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите.

Со телото нема да претседава претседателот на Собранието Талат Џафери, како што беше првично најавено, туку ќе има двајца копретседавачи, потпретседателката на Собранието Фросина Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

„На наредната седница ќе се одлучува за методологијата на работа, кои се надлежностите на телото и за темите за кои ќе се разговара. Немаше пречки јас да претседавам со телото, но поради моите обврски како претседател и како пратеник подобро е јас да не го водам телото“, изјави Џафери по координацијата.

Сурија Рашиди, претставникот на Алијанса за Албанците го напушти состанокот затоа што смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април лани.

 

Џафери за напуштањето на Рашиди рече дека тоа е негово право, но смета дека тој требало да остане, бидејќи сега се разговарало само за составот на телото.

Прашан за уставните амандмани, Џафери рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може да опструира бидејќи има строго определени процедури во собранискиот деловник.

Собраниското тело за помирување го најави премиерот Зоран Заев, кое, според него, треба да најде начин за национално помирување.