По бегството на екс премиерот Никола Груевски, јавноста побара одговорност. Кој му помогна, дали некој намерно дозволи бегство? МВР, судот, СЈО ова се трите институции кои се посочуваат како виновни. Институциите пак си ја префрлаа топката, а официјална информација како Груевски ја напуштил земјата и со чија логистика се уште нема. Тој на 13-ти ноември се јави од Будимпешта преку фејсбук со информација дека побарал политички азил.
„Шарените“ повторно излегоа на улица и побараа политичка одговорност за бегството на поранешниот премиер.
Социјалните мрежи „зовреа“, а експертите речиси едногласни дека институциите потфрлија.
Прстот освен кон министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски е вперен и кон директорот на УБК, Горан Николовски.
Паралелно со информацијата за одвојувањето на УБК од МВР, почнаа да кружат и информации за тоа кој ќе ја води УБК. Дали Николовски ќе остане на чело на тајната полиција, која конечно треба да се претвори во разузнавачка и контраразузнавачка служба или, пак, ќе дојде некој нов кадар?
Помеѓу вработените во УБК веќе циркулирале неколку имиња и комбинаторики кој би можел да го наследи Николовски од јуни 2019 година, кога впрочем треба УБК целосно да се одвои од МВР и да биде под надлежност на Владата.
Во трката за можен иден директор на новата УБК, покрај сегашниот Горан Николовски, според извори на Пресинг Тв се: Сиљан Аврамовски- заменик директор на УБК, Зоран Верушевски – советник за национална безбедност на Заев, Јовче Ременски- помошник директор на УБК, Виктор Димовски – државен секретар во МНР и Ерол Муслију – заменик директор на Агенцијата за разузнавање.
Од игра не е исфрлено името на актуелниот директор на УБК. Горан Николовски делумно ја ужива довербата во СДСМ, бидејќи не е нивно директно кадровско решение, а при изборот беше промовиран како професионалец. Грбот му го штити неговиот заменик, Ариф Асани, со што има поддршка во ДУИ, а тука е и довербата од меѓународната заедница, особено од Американците.
Сиљан Аврамовски, поранешниот министер за полиција и началник на УБК и одговорен за соработката со Интерпол, наводно ја ужива довербата од лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, но и од министерот Спасовски, меѓутоа отсуствува поддршката од ДУИ, поради случајот „Сопот“. Наводно, целосно ја ужива поддршката од американската амбасада, но не и од НАТО, бидејќи ставот на Алијансата бил сите посткомунистички земји да се ослободат од југословенските кадри.
Се споменува и името на Зоран Верушевски, кој ужива безрезервна доверба од Заев, но наводно не и од Спасовски и Шеќеринска. Исто така и од Ахмети, поради неговата активност против Албанците во 90-тите како висок функционер на тогашната ДБК. Неофицијално, поддршка нема ниту од меѓународната заедница, иако во јавноста често се споменуваше, наводно, неговата блискост со поранешниот американски амбасадор Филип Рикер, кои соработуваа за време на нивната истовремена служба во Рим за што во извесна мера се врзуваше и објавувањето на „бомбите“.
Меѓу имињата кои се вратат е и сопругот на пратеничката Фросина Ременски. Јовче Ременски, според информациите кои ги добивме, ја ужива поддршката во неговата матична партија, но наводно ДУИ нема да даде зелено светло поради тоа што работел на терен за придобивање на дел од албанското гласачко тело. Очекувањата се дека Ременски нема да ја добие поддршката од дипломатите.
Виктор Димовски, во моментов државен секретар во МНР, инаку ја раководеше Агенцијата за разузнавање од 2007 до 2009 година. Својата кариера ја почнува во МВР во Битола, а потоа преоѓа во дипломатски води. Кадар на СДСМ, а во јавноста важи за близок соработник на Бранко Црвенковски. Наводно ја има поддршката и од Шеќеринска и од странските претставници.
Ерол Муслију, иако не доаѓа од редовите на УБК (но дел од работниот век работел во управата) се смета за конкурентен играч во оваа трка. Поддршка од СДСМ и ДУИ немал, но имал добра препорака од висок партиски функционер од Бихаќка. Според информациите кои кружат во јавноста, Муслију би добил странска поддршка, благодарение на контактите, што ги стекнал од работењето во Агенцијата за разузнавање.
Comments are closed for this post.