По рекордните во Македонија 317 случаи со Ковид-19 од 1.990 тестирања, забележани во минатото деноноќие вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 19.413.
Во минатите 24 часа Министерството за здравство регистрира и четири пациенти починати во болнички услови и тоа еден од Скопје (59 г.), еден од Струга (65 г.), и двајца од Гостивар (71 г. и 76 г.). Со нив, вкупната бројка на починати се искачи на 772.
Бројот на активни случаи изнесува 2.892, најмногу во Скопје 1.166, во Струмица 185, во Кочани 183, во Тетово 168, во Куманово 166, во Прилеп 138…
Во болниците од Ковид-19 во моментов се лекуваат 405 пациенти, од кои 48 се на кислородна поддршка, а тројца на респиратор.
.Досега во земјава се направени вкупно 199.372 тестирања.
Од Институтот за трансфузиона медицина информираа дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Од нив, 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, а 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување. Инаку, досега над 100 пациенти со Ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус, создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
Од Министерството за здравство посочуваат дека преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела „Anti-SARS-CoV-2“ – соопштија од Министерството.
Comments are closed for this post.