Предлогот на опозицијата за користење на терминали за отпечатоци од прсти за пописот, кој требаше да му даде кредибилитет на пописот беше добар и за премиерот Зоран Заев и за претседателот Стево Пендаровски, но парламентарното мнозинството го отфрли и го донесе Законот за попис без да прифати ниту еден предлог на опозицијата.

Овие терминали секако ќе требаше да се набават за локалните избори бидејќи се дел од измените во Изборниот законик кои беа донесени лани, но по се изгледа дека актуелното мнозинство сака повторно да ја избегне употребата на скенери за читање на отисоци од прсти со што се отвораат сомнежи и можност за злоупотреби на изборниот процес.

Министерството за финансии по две недели откако е доставено барањето за одобрување средства за набавка на ваквите скенери дури вчера до ДИК испрати нејасен одговор дека доколку Државната изборна комисија е во можност да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат,. Тоа значи дека ДИК треба повторно да достави барање и повторно да чека одговор.

Со ваквите опструкции тешко ќе може да се набават ваквите скенери, бидејќи како што изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ова е последниот месец во кој може да почне постапката за набавка на овие скенери.

Мора да има избори. Барани се средства за опремата уште од септември минатата година. Јас кога дојдов, тоа го видов, одлуката на претседателот на ДИК со која бара од буџетот да се пронајдат средства, меѓутоа такви средства не се предвидени. После тоа, на првата седница на ДИК се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека доколку ДИК е во можност да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства, што за мене е нејасна одлука – рече Даштевски во гостување во Дневникот на Сител.