– Со почитување на различните јазици, потврдуваме дека сме функционално мултиетничко општество, пример во регионот и Европа, истакна премиерот Димитар Ковачевски на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.

Денеска е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја. Особена чест и задоволство за мене претставува да се обратам на денешната Свечена академија. На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост. На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори, рече Ковачевски.

Тој посочи дека единствената жена на конгресот, Парашќеви Ќиријази подоцна во 1909 година ќе напише и буквар на албанската азбука.

– Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници. Со унифицирањето и стандардизацијата на албанската азбука, се отвори патот албанското писмо да стане дел и од богата ризница на светското културно наследство. Јазикот и културата на еден народ се негов идентитет, негов белег и претставуваат негов код, нагласи премиерот.

Ковачевски рече дека на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици, вери и култури. Луѓето, вели премиерот, зборувале различно, но се разбирале бидејќи ги поврзувале толеранцијата, почитта, љубовта кон другиот.

– Сме опстоиле токму поради заедништвото. Затоа, дозволете ми да кажам дека сè додека се почитуваме, ќе се разбираме, истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени.

– Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и заемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти кои делиме исти предизвици. А исти сме во определбата да градиме едно општество за сите, една држава за сите каде слободно ќе се твори, пишува, живее, секој на својот мајчин јазик, но со должна почит кон другиот до него. Продолжуваме да градиме држава каде мајчиниот јазик се негува во училиштата, општините, болниците. Создаваме простор за уште поголемо зацврстување и валоризација на етничките вредности, даваме простор на соживотот, а не на предрасудите, рече претседателот на Владата.

Според него, почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.

– И, затоа, презедовме низа мерки во насока на поддршка и сочувување на мајчиниот јазик преку основање на институции за промоција на мајчиниот јазик, преку овозможување за негово учење уште во основното образование зошто тој мора да се негува, а ќе се негува ако се зборува, нагласи Ковачевски.

Тој посочи дека во салата се членовите на Владата кои припаѓаат на албанската заедница и на македонската заедница, додавајќи дека припадниците на албанската заедница пишуваат и зборуваат албански јазик.

– Во текот на изминатите две години јас ја имав честа да предводам Влада во еден исклучително тежок и кризен период, време на неизвесност во однос на тоа дали ќе имаме енергија, дали ќе имаме доволно храна, дали ќе имаме доволно знаење да ја зауздаме инфлацијата како што ја зауздавме и луѓето со коишто мојот ден во најголем дел поминуваше беа нормално министерот за финансии, министерот за економија, вицепремиерот за економски прашања, министерката за труд и социјална политика. Цела среќа е дека меѓу нив имаше двајца по име Фатмир, а значењето на името Фатмир е некој кој носи добра среќа. Јас имав такви двајца. За нив двајца албанскиот јазик е мајчин јазик. Но, често пати во мојата канцеларија и во нивните канцеларии во тие долги работни денови, кога ги правевме сите тие пресметки и мерки можеше да се чуе од моја страна „Фатмир брат, те молам направија оваа пресметка“ или кон другиот Фатмир, „Фатмир брат ако може до утре ова законско решение да го спремиме“, рече Ковачевски.

Потенцирајќи дека албанскиот јазик не е негов мајчин јазик, а сепак, одлично се разбира со Албанците, бидејќи, како што нагласи,  „тоа е мојот братски јазик“.

Премиерот акцентира дека мораме да продолжиме да ги негуваме европските, цивилизациските вредности, да бидеме обединети во различностите.

-Да се почитуваме, да си помагаме, да бидеме сите како едно и сите за доброто на оваа држава која час поскоро сакаме да ја видиме како дел од европското семејство на народи. Да градиме европска држава на темелите на заедништвото. Нека е честит Денот на албанската азбука. Да сме живи и здрави и да ни е жива и здрава и вековна Република Северна Македонија, истакна Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, истакна дека 115-тата годишнина од Конгресот во Битола – е клучен момент во историјата на албанскиот народ, кој ги поставил темелите за стандардизација на албанскиот јазик.

Со години наназад, како држава, наведе, во континуитет, потврдуваме дека ги препознаваме и вреднуваме различните јазични и културни идентитети и во таа смисла сме редок позитивен пример на целиот Европски континент. Тоа, потенцираше, не значи дека на тој пат сите дилеми и предизвици се расчистени или дека меѓуетничката толеранција и почитта кон поинаквите од нас е дефинитивно научена лекција.

-Меѓутоа, неспорен факт е дека македонскиот модел на мултикултурна коегзистенција ги инхибира потенцијалните тенденции за внатрешно раслојување и поделби што, според моето длабоко уверување ќе придонесе наредниве години и македонскиот и албанскиот јазик, после долго патување, да станат дел од заедничкиот европски јазичен простор во рамките на Европската унија. Во тој контекст, не смееме да ги игнорираме или потцениме предизвиците, но немаме ниту една причина да не ги потенцираме и славиме успесите кои ја имаат обликувано еволуција на македонскиот и албанскиот јазик, наведе претседателот.

null

Северна Македонија, оцени тој, се соочува со вечниот предизвик на балансирање на меѓуетничките односи, со цел, промовирање на еднакви можности за сите граѓани, и тоа го правиме во нестабилно надворешно опкружување оптоварено со територијални конфликти, историски фрустрации и национализам. Меѓутоа, како што порача, единствениот пат кон инклузивна држава е преку етаблирање на систем во кој доследно, а не само формално се почитуваат воспоставените правни рамки и се креираат политики кои никого не дискриминираат.

Претседателот порача дека мултикултурализмот е драгоцено богатство и во историски и во современи контексти. Акцентот на јазичната, културната и етничката разновидност, посочи, ја нагласува важноста од поттикнување на инклузивност, разбирање и соработка во сите сфери од нашето заедничко живеење и работење.

-Државите не се распаѓаат заради јазичниот плурализам, најмалку заради зголемувањето на квантумот на јазични права на било која етничка заедница. Државите назадуваат, ако не го користат потенцијалот на секој свој граѓанин, а секој од нас во своите животни и професионални битки влегува со она што го носи во себе – своите знаења и вештини, своето искуство и својата совест. Но, во сите животни битки влегуваме пред се, со нашето име и идентитет. А тие се потпираат врз нашиот мајчин јазик, рече Пендаровски.