Поддршка од Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ, е пораката од Доналд Трамп што до Зоран Заев ја пренесе американскиот потпретседател Мајк Пенс.

За време на средбата на Заев и Пенс во Белата куќа, Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата Куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Од своја страна, премиерот Заев истакна дека оваа посета доаѓа во клучен историски момент за нашата земја, кога за десеттина дена, нашите граѓани ќе го одредат курсот на Република Македонија кон нејзината иднина во НАТО и ЕУ. Заев и Пенс разговарале и за активностите за спроведувањето на референдумот на 30 септември, како чекор кој ќе ја потврди иднината на нашата земја во најмоќните сојузи НАТО и ЕУ.

Охрабрени и инспирирани од средбата со Потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство – изјави премиерот Заев.

Македонскиот премиер и американскиот потпретседател, ја разгледаа и можноста заеднички да биде прославен приемот на нашата земја во НАТО наредната година, кој станува реалност со спогодбата со Грција.