Претседателот на државата, Стево Пендаровски, знаел за документот на Агенцијата за безбедност за бизнисменот Орце Камчев, но за него не се разговарало на последната седница на Советот за безбедност.
Ова го наведуваат од Кабинетот на претседателот, откако вчера премиерот Зоран Заев обелодени дека со содржината на „службената белешка“ на АНБ биле запознати и шефот на државата и претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
Претседателот Пендаровски за белешката бил информиран по службена должност.
-Претседателот Пендаровски, како дел од редовното информирање од страна на безбедносните агенции за состојбите во земјава, беше информиран од Агенцијата за национална безбедност за случајот околу можното напуштање на државата на лицето Јордан Камчев, за кој се водат неколку кривични постапки во земјата и за кого судот имаше изречено неколку мерки на претпазливост, велат од Кабинетот за „Пресинг ТВ“.
За „службената белешка“ на АНБ не се дискутирало ниту на последната седница на Советот за безбедност, што се одржа во петокот.
-Информираме дека Советот за безбедност на својата седница одржана на 12 март заседаваше со единствена точка на дневен ред: Информација за стратешките набавки во Армијата во наредниот период, наведуваат од Кабинетот.
Овие детали се многу важни за предметот на бизнисменот Орце Камчев, зашто претставуваат огромна олеснителна околност за него. Евентуалната дискусија за содржината на „службената белешка“ на Советот за безбедност ќе значеше и дека тој претставува опасност за државата и националната безбедност.
Во вакви околности и натаму останува дилемата по која основа и зошто е ангажирана АНБ за предмет во чија основа лежи криминал, што ќе треба да го докаже обвинителството. Досега тенките образложенија наведуваат на двојни стандарди. Зашто, на пример, Агенцијата не беше ангажирана во случаите со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и екс-премиерот Никола Груевски, кој успеа да ја напушти државата и да добие политички азил во Унгарија.
Comments are closed for this post.