Во врска со идејата за размена на територии и корекција на границите меѓу Косово и на Србија, претседателот Пендаровски кажа дека не може да замисли нешто пострашно да се случи ако некој стварно мисли сериозно да влезе во еден таков проект.

Според него, станува збор за анахрона идеја која не припаѓа на 21 век. Во денешниот модерен свет, рече, ние мораме со дијалог и со компромис да ги решаваме сите проблеми.

 Најлесната работа која може да ја направите е да ја исчистите територијата од поинаквите, различните од вас или мене и да владеете така со тие територии, нагласи претседателот на државата.

Смета дека убавината и богатството на нашата држава и на сите околни држави, кои се исто мултиетнички, е токму во разновидноста.

 Час поскоро треба да се престане со лицитирање на таа тема. Зборувам за политичарите кои се на власт во државите околу нас, па дури и кај нас ако сакате. Тоа може да биде работа на експерти на новинари, но не на одговорни политичари, бидејќи е неодговорно да се разговара за една во суштина грозна идеја за размена на луѓе и територии во 21 век. Последен пат таква работа се случуваша, со поддршка на големите сили 1923 година. Турција и Грција и ден денес влечат последици од таа размена на луѓе и територии, рече меѓу другото претседателот Стево Пендаровски.