Претседателот Стево Пендаровски, по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
Драги сограѓани,
Ви посакувам подобра и помирна година што доаѓа. Во годината што измина бевме сведоци на безбедносни, економски и енергетски предизвици кои ја зголемија нееднаквоста и го зголемија стравот за долгорочната стабилност.
Сепак, изминатата година бевме сведоци и на хуманоста на луѓето со добра волја кои покрај за своите, се грижеа и за потребите на другите. Овие херои на солидарноста донираа храна, облека и лекови и го подарија своето време и внимание за да ги поткрепат оние на кои им е најпотребна помош. Многумина од нив активно се застапуваа за социјална правда и за општество со еднакви можности за сите. Враќајќи ни ја надежта во општото добро, тие нѐ потсетуваат дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други.
Државата е домот што можеме да го градиме само заедно, сплотени околу визијата за хумано, праведно и просперитетно општество во кое ќе има место за сите. За да ја достигнеме заедничката цел кон која се стремиме уште од почетокот на македонската независност, потребна ни е посветеност и надеж дека ќе биде подобро.
Во новата 2023 година, ви посакувам радост во срцето, мир во душата и надеж во животот, а со нив и многу здравје и успех на секое поле.
Нека ни е среќна новата 2023 година!
Comments are closed for this post.