Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се залага за помирување, а на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ дека помирувањето го сфаќа како амнестија за премиерот Зоран Заев и неговите соработници истакнува дека „нема намера да го амнестира Заев или неговите блиски, ако сториле криминал“.
Пендаровски, за помирувањето, наведува дека тоа било негова заложба и пред да биде избран за претседател, но оти тоа е долг процес во кој мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители.
На прашањето да ги коментира изјавите дека процесот на помирување го разбира како амнестија на Зоран Заев и неговите луѓе, тој вели дека нема никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестира Заев ако направил криминал и кој било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал.
Во однос на тоа дали земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ, Пендаровски вели дека во моментов не постои ниту една европска држава, ниту една земја членка на ЕУ, ниту една европска влада која има став дека Македонија не треба да почне со преговори до крајот на годината.
Моите први две посети надвор, откако стапив на функцијата, беа во Брисел, каде што имав средби со највисоките функционери на досегашната Европска Комисија и Европскиот совет. И потоа посета на Берлин, каде што имав средба со највисоките германски претставници, вклучително и со германскиот претседател Штајнмаер. Од најрелевантни места добив уверувања дека одложувањето во Германија е од чисто технички причини и оти нема политички причини во позадината, како што имаше шпекулации и кај нас и во дел од меѓународниот печат, односно медиуми, рече претседателот Пендаровски во неделното интервјуто за Радио Слободна Европа.
Comments are closed for this post.