Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со т.н. нетрадиционални безбедносни закани, што се високо на агендата на НАТО, е заедничкото соочување со нив. Размената на информации и здружувањето на ресурсите на земјите-членки и на земјите партнери можат само да придонесат за подобро справување со предизвиците.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето пред учесниците на работилницата на тема „Стратегиски комуникации и евроатлантските интеграции: Импликации за земјите од Западен Балкан”, што од денеска се одржува во Охрид, јави МИА.
Пендаровски потсети дека влезот во НАТО подразбира седење на иста маса и подеднаков глас со останатите членки, што значи дека 29 земји ќе се залагаат да ја заштитат нашата безбедност, за која нагласи дека е темел на просперитетот и на економскиот развој. Тој рече дека во својство на идна полноправна членка на Алијансата, силно го поддржува активното учество на Северна Македонија во активностите и операциите на Алијансата.
Земјата беше цел на штетното влијание од трети страни, кои сакаа да ја попречат волјата на граѓаните и да го спречат формирањето демократска влада. Тие хибридни закани и малигни влијанија ќе продолжат да бидат тука, затоа е потребно здружено и заеднички да се спротивставиме. Перспективите на евроатлантските интеграции продолжуваат да бидат клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западниот Балкан и денес. Напредокот во однос на евроатлантските интеграции, како и европската перспектива на регионот е очигледен. Убеден сум дека таа двојна интегративна агенда е вин-вин ситуација и за регонот и за НАТО и ЕУ од друга страна. Свесен сум за предизвиците со кои се соочува ЕУ, меѓутоа мора да сме свесни дека регионот мора да има европска перспектива, рече Пендаровски.
Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Бирнс, истакна дека самото организирање и одржување на форумот во Охрид ја демонстрира подготвеноста на Република Северна Македонија активно да придонесе во кооперативната безбедност, како и во процесот за интеграција во западноевропските институции, особено во НАТО.
Државата успева во обидите да се решат долгогодишните прашања со соседите, ги спроведува потребните реформи, ги развива институциите и тоа не само заради членство во ЕУ и НАТО, туку заради изградба на посигурно и побезбедно, попросперитетно општество. Има уште многу што треба да се направи, но минавте долг и напорен пат и тоа за кусо време, што мора да се признае, рече таа.
Ото Граф, ДКМ на Амбасадата на Федералната ребулика на Германија во Северна Македонија , од своја страна рече дека ниту една земја од регионот не е доволно силна ниту голема да биде самостоен фактор, оттаму потребата државите од прекугранична и економска размена.
Што се однесува на самиот процес на зачленување на РСМ во НАТО, полковник Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО Скопје, истакна дека 19 држави-членки веќе го имаат депонирано протоколот за ратификација за членство, со очекување дека и преостанатите членки тоа ќе го сторат наскоро.
Согласно процесот за приклучуање во НАТО, државата има преземено обврски да спроведува реформи, а дел од тоа се и реформи во судството. Тоа е процес што треба да се одвива постојано, не само до зачленувањето, туку и откако ќе станете полноправна членка на Алијансата, рече тој, нагласувајќи дека постојат прашања што треба да бидат завршени до полноправно членство.
Comments are closed for this post.