Ова е време на решавање на децениски проблеми, кои Македонија ја држеа закована за дното можеби дваесет и кусур години. За оваа работа да тргне напред и да излеземе од дното нагоре, најзаслужна е оваа владина структура, новата влада која од пред две години ја превзема одговорноста за земјата, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски по денешната посета на Тетово

Според него,во изминативе година и пол до две, се донеле навистина тешки и сериозни одлуки, кои беше нужно да ги донесеме, затоа што без нив ќе останевме заковани во изолација и ќе бевме најобична паланка во рамки на Балканот, да не зборувам за Европа.

 

Се кандидирам за Претседател на државата, затоа што верувам во овој пат, затоа што верувам во насоката којашто започна да ја води државата новата Влада на чело со Зоран Заев, и мислам дека друга алтернатива подобра за нас, и како народ, како луѓе кои овде живееме  и како држава, не постои.

Да не се замајуваме со алтернативни варијанти бидејки тие ќе не однесат, таму кадешто не треба да не однесат.

Единствениот пат за Република Северна Македонија е членка на ЕУ и членка на НАТО, ние практично сме пред вратата на НАТО за полноправно членство, очекуваме во јуни оваа година да добиеме датум за преговори и на тој начин да ја заокружиме таа стратешка цел Македонија да биде интегрирана во организации кои се пример за целиот свет, во однос на просперитет, во однос на безбедност, во однос на почитување на човекови права, во однос на сервис на граѓаните и така натаму.