Очекувам Република Турција да ја потврди поддршката за Република Северна Македонија на нејзиниот евроатлантски пат преку ратификација на Протоколот за членство во НАТО, порача шефот на државата Стево Пендаровски, во обраќањето на ифтарската вечер на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, организирана од Амбасадата на Република Турција.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, во присуство на претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, Пендаровски истакна дека од почетокот на нашата независност, Република Турција ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот европски и евроатлантски пат.

– Понекогаш можеби имавме и различни видувања за некои прашања, но секогаш сме успевале да најдеме решенија прифатливи за двете страни. Затоа, како претседател очекувам нашите турски пријатели да ја потврдат таа поддршка со тоа што ќе го ратификуваат протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Бидејќи со нашето членство во Алијансата ние не ги внесуваме само нашите воени потенцијали, туку и нашите вредности на соживот и почит кон различноста, рече претседателот Пендаровски.