Сосема извесна е можноста Стево Пендаровски одново да затропа на отворена врата за претседателски кандидат на власта, дознава Пресинг Тв од извори блиски до владејачкиот СДСМ. Ова, според нашите извори, во добра мера се должи на укажувањата на меѓународниот фактор, кој во Пендаровски гледа лик што ќе може да ги задоволи не само нивните, туку и критериумите на коалиционите партнери од власта како консезуален кандидат.
Актуелниот национален координатор за подготовка на Македонија за членството во НАТО учествуваше во претседателската трка и на минатите претседателски избори, но не успеа да ја добие довербата на граѓаните. Од тој период остана запаметена неговата изјава со која приврзаниците на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги поистовети со „стока“, зашто организирано ги превезувале во комбиња. Но, ваквата квалификација треба целосно да се исчисти и анулира од меморијата на граѓаните со неговиот придонес околу приемот на Македонија во НАТО.
Неодамна премиерот Зоран Заев изјави дека тој нема да учествува во претседателската трка, зашто владејачката партија има дузина подобри кандидати од него.
Нашите извори велат дека името на Пендаровски се уште не е отворено пред коалициските партнери, зашто се чека разврската со уставните промени, чиј позитивен исход ќе значи директен чекор кон членството во НАТО.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, ја фрли коцката околу консензуалниот кандидат на власта за претседателските избори во името на професорот и поранешен министер за надворешни работи, Денко Малески. Професорот Малески за Пресинг Тв изјави дека идејата за консензуален претседател е убава, но оти никој не контактирал со него за неговата кандидатура. Според него, за ова прашање е неопходен широк консензус.
Под консензус за ова прашање јас подразбирам широк консензус на сите политички партии. Состојбата во општеството налага поинакво поведение на сите политички партии од она кое би било во вообичаена атмосфера за претседателски избори, изјави Малески.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во овој контекст неодамна изјави дека партијата се подготвува за претседателските избори на кои, како што рече, ќе го порази СДСМ. Сепак, опозицијата се уште не истакнала сопствен кандидат.
Како кандидати за наследници на Иванов, зад кои би застанала евентуално обединетата опозиција се споменуваат и професорката Гордана Давкова Сиљаноска, но и поранешните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, Ганка Самоиловска – Цветанова, како и екс-собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
Мандатот на актуелниот претседател Иванов истекува на почетокот на мај идната година.
Comments are closed for this post.