Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок.

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и беше нагласено дека во иднина треба да се интензивира политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво меѓу Македонија и Словачка, штом ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 ќе го овозможи тоа.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за силната словачка поддршка за нашите евроинтеграции.

Исклучително ја цениме силната, континуирана и недвосмислена поддршка од Словачка која е наш значаен партнер и поддржувач во евроинтеграциите, силен партнер во НАТО, a се надевам дека нашето партнерство ќе продолжиме да го негуваме и во рамки на Европската унија, порача претседателот Пендаровски.

Претседателот изрази интерес и за интензивирање на соработката, особено во областа на економијата која не го достигнала својот реален потенцијал, иако билатералната трговска размена во последните 5-6 години има константен раст. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази очекување дека ќе се зголемат инвестициите на словачките компании во нашата држава, особено после нашето членство во НАТО и напредокот направен кон ЕУ.

На средбата стана збор и за состојбите во двете држави во однос на пандемијата на Ковид-19, при што се разговараше за конкретни предизвици кои се во интерес на двете држави, а се предизвикани од тешките околности на целиот континент. Претседателот Пендаровски се заблагодари за словачката поддршка и донации во областа на здравството.