При денешната посета на Ресен од страна на пратеникот Тимчо Муцунски беа отворени повеќе прашања, меѓу кои и преписката помеѓу претседателот на државата Пендаровски и министерот за здравство Филипче.
Муцунски потенцираше дека пред се сите се согласуваме дека тие слики што ги имаше на граничниот премин Табановце кон Република Србија навистина беа срамни за државата и во таа насока се согласува со изјавата на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и како политичка партија, но и одредени поединци тоа веќе го кажаа.
Муцунски додаде дека за жал видовме една преписка во која што претседателот на државата и министерот за здравство се докажуваа кој помалку направил за да се обезбедат вакцини. Тие се носители на функции во извршната власт и имаат свои надлежности. Да, министерот за здравство во здравствената политика, но претседателот Пендаровски во делот на надворешната политика. Тие треба да седнат и да видат зошто заеднички доволно не направиле.
Одговорноста е заедничка, немањето на капацитет на обезбедување на вакцини, ова срамно ниво на имунизација кое што го имаме под сите регионални стандарди, да не зборуваме надвор од регионот е одговорност на сите чинители во извршната власт. Дали е ова некоја фасада, дали е ова некоја вештачка драма за дефокус на јавноста, не сакам да навлезам во тоа да коментирам. Но, сите имаат одговорност вклучително и претседателот на државата, вклучително и министерот за здравство за тој срам кој што не треба да се повтори, истакна Муцунски.
ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека тие се сите чинители од еден ист политички субјект. Кога зборуваме за кохабитација помеѓу двајца чинители од еден ист субјект ќе се очекува дека тие се познаваат, веруваат кон исти политики, одат во реализација на исти политики и затоа ова е една чудна појава во времиња кои се најтешки за државата. Нормално е да очекувате дека во процесот на набавка на вакцини, покрај министерство за здравство ќе биде вклучена и целата мрежа надворешно политичка.
Голем дел од ингеренциите во надворешната политика се токму кај претседателот на државата и се согласувам дека и тој има одговорност зошто тие не успеале. Очигледно немале добра комуникација, очигледно не соработувале, прашањето треба кон нив да го поставиме. Но, реалноста е дека кој и да е одговорот, фактичката состојба е срамна и катастрофална на терен и ја гледаме секојдневно за жал. Јас не би сакал тоа да е така и сите би се радувале да бевме ние први по вакцинација со многу помалку заболени, но фактичката состојба на терен е срамна и одговорноста е кај сите носители во извршната власт.
Comments are closed for this post.