Пендаровски минатиот месец, на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ откри дека на земјава и било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, како што рече, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ

Европската економска зона е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон нашето полноправно членство во Европската Унија, смета претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Во интервју за МИА, шефот на државата го коментира написот во германски „ФАЦ“, според кој реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, а старо-новата алтернатива која се нуди е членство во Европската економска зона.

„Ставот е – не ни го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но не или-или, туку и-и“, вели Пендаровски за МИА.

 

Шефот на државата потенцира дека Европската економска зона нуди економски можности и не отвора кон заедничкиот европски пазар, но нам не ни треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство.

„Прочитав еден авторски текст во еден влијателен германски весник, кој цитира некои влијателни германски парламентарци од ЦДУ, владејачката партија, кои велат дајте на целиот Западен Балкан ако веќе од икс-причини, ги кочиме на тој пат и како пример го зема нашето последно блокирање кон Европа, дајте да им дадеме Европска економска зона. Меѓутоа јас да ја повторам формулацијата, која е прилично прецизна кога зборуваме за таа дихотомија Европска економска зона и ЕУ – само ако биде дополнение и ако биде меѓузона кон нашето полноправно членство. Инаку ако нè остават само во заедничкиот европски пазар и да кажат збогувајте се за век и веков со ЕУ и полноправното членство и во политичките институции каде што треба да се слуша нашиот глас“, смета Пендаровски.

Тој додава дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не и била понудена само првата опција, како замена за полноправно членство.

Токму претседателот Пендаровски минатиот месец, на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ откри дека на земјава и било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, како што рече, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.