Во моментов најважно е да имаме кристално чист, демократски, фер и транспарентен избор на претседател на државата. Поинаку не можеме да добиеме датум за преговори со Европската Унија, вели Стево Пендаровски, кандидатот за шеф на државата поддржан од СДСМ и коалицијата во интервју за МИА.

На прашањето : „Кои два адута како личност ги сметате кај Вас, како најсилни за победа, а кои две особини ги сметате како најслаби?“, тој одговара:

„Ова е прашање на кое речиси никогаш не одговарам, затоа што во првиот дел треба да се фалам или кога ме фалат од страна ми доаѓа непријатно. Во вториот дел треба да кажам дека немам слаби точки, во таа ситуација не би се викал не Стево Пендаровски, туку Супермен. Ако можам да издвојам некоја особина, која можеби е мана во политиката, тоа е мојата толерантност, не само во дебатите, туку и генерално во настапот на политичката сцена и јазикот, кој според мене е примерен за една европска политичка култура, не на балканштината која ја имаме во огромни количини. Луѓето од мојот штаб, од моето најблиско политичко и приватно опкружување ми замеруваат дека не сум бил поостар во некои настапи и дека не некои ад хоминем напади не сум одговарал на ист начин. И понатаму не сметам дека тоа е мана, сметам дека тоа е доблест. Тоа што повеќето од моите противкандидати го правеа тоа оди на нивно конто, јас мислам така да продолжам. Во делот на добрите страни не би си давал лични квалификации, тоа ми е непримерно. Мислам дека политичкиот концепт, кој го застапувам во овој момент е најдоброто нешто што се нуди на нашата политичка сцена, бидејќи се потпира на два главни пилари битни за државата, ако сакаме да биде демократска, просперитетна, европска. Првиот се потпира на внатрешна кохезија, не само меѓуетничка, туку и меѓуграѓанска, бидејќи ние доживеавме стравични падови во времето на режимот тие 10/11 години се поделивме тотално по политичка линија и меѓу Македонците и меѓу Албанците. Јас мислам дека тоа сега се намали, тие политички поделби не смеат да ги сечат остро фамилиите, како што е сега случајот, кога деца со родители не разговараат и се расправаат за политика и треба внатрешно да се усогласиме со една внатрешна кохезија за битни стратешки работи. Оваа наша татковина мора да биде со излезна иднина и да има пристоен живот за луѓето, кои останаа да живеат во неа. Сето друго може да биде работа на приватен и политички избор на секој од нас. Вториот столб е евроатлантската интеграција. Не можам да замислима ниту една држава во денешна современа Европа без да биде членка на двата битни сојуза, ЕУ и НАТО, затоа што НАТО дава безбедност и гаранција на сигурноста и само ако си безбеден и во мир можеш да планираш економски развој. Ако мислите дека само со автономни ресурси може да се развивате, тоа не го направила ниту една држава“.

Смета дека голема е можноста тие што не гласале во првиот круг повторно да останат дома, тоа е нивно демократско право, нема да ги притиска да излезат. Но мисли дека овој пат контрастот меѓу политичките опции кои се нудат ќе натера барем еден дел од нив да гласаат.

Уште вели дека иако е поддржан од партија и коалиција, сепак е непартиски кандидат и дека доколку биде избран за претседател, премиерот нема да може стопроцентно да се потпира на него, дека нема сите негови ставови безрезервно да ги прифаќа. Додава дека тоа е единствен начин за продуктивна кохабитација, се останато е навлегување во категоријата партиски војници.