Во Македонија од денеска има нова, петта, вонредна состојба која, како што објаснија од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите. Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата и е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.
Одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од СЗО, стои во соопштението.
Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на ДИК за изборите на 15 јули.
Претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.
Comments are closed for this post.