Дваесттина минути по доаѓањето на Бојан Јовановски во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција каде што треба да даде исказ за „Рекет“, во зградата на Обвинителството пристигна возило и екипа на Брза помош.

Засега нема официјална потврда дека екипата на итната медицинска помош е дојдена поради влошена здравствена состојба на Јовановски.

Боки 13, првоосомничениот во случајот „Рекет“, попладнево со полициска придружба од КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор, беше донесен во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Јовановски по увидот на доказите, треба да даде исказ во Обвинителството за „Рекет“. Тој во изминатите две недели ги разгледуваше доказите – снимките, вештачењата на мобилните телефони, како и исказите на сведоците, со кои Обвинителството го сомничи Јовановски за „перење пари“ и „примање награди“.

Освен Јовановски, во случајот „Рекет“ се осомничени и Зоран Милевски – Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.