Комуникацијата од мобилниот телефон на пратеникот Крсто Мукоски обвинет за упадот во Собранието се презентира на денешното рочиште за 27 април. Вештачењето е направено на СМС и вибер пораки пред настаните, но и на денот на насилството во Собранието.

Мукоски комуницирал со неколку лица, меѓу кои и Миле Јанакиески, Јохан Тарчуловски, Васил Пишев и други лица. Меѓу нив има и телефонски број кој во мобилниот на обвинетиот Мукоски бил мемориран како колешка Чаир. Таа, според вештачењето што го презентира на судењето обвинителката Вилма Рускоска во 18.14 му вели „Дај боже да влеземе да ги затепаме, хахахахха“, а во 18.49 му испраќа на Крсто порака „Отворете ги предните врати“. После 5 минути му испраќа нова порака: „Шекерка мене остајте ми ја. Отворајте вратите“. Па во 18.55 му пишува „Влеговмеееееее“.

Вештачењето на мобилниот телефон на Мукоски покажува и комуникација помеѓу Мукоски и Јанакиески која како што презентираше обвинителката Вилма Рускоска почнала во 12:42, кога Мукоски му пишува на Јанакиески порака со содржина: „Заев се јави процедурално??!!!!“. По помалку од еден час Јанакиески му возвраќа на Мукоски: „Одете по нив, кај и да се движат“. Јанакиески по неколку часа му ја праќа  следната порака на Мукоски со содржина: „Свири бе брат“. Дваесет минути по ова Јанакиески му праќа на Мукоски нова вибер порака : „Алал вера за денес брат“. Мукоски му враќа : „Фала ти, мора малку да е тензично надвор, за да се префрли фокусот надвор“. Екс министерот одговара со две „да“.  Мукоски го известува Јанакиески дека камерите се тука и тензично било цело време. Јанакиески му праќа вибер порака на Мукоски во 18:37  со содржина:„Да му застаниш на овој што чита пред него. Пред него застани си“. Мукоски една минута потоа му враќа : „Ќе напраиме проблем, нека почнат тие први“.

На минатото рочиште беше презентирана комуникацијата од мобилниот телефон на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.