Појавата на Македонски концепт е напад против ВМРО-ДПМНЕ, но и предизвик за ВМРО-БНД, пишува Фактор.бг во текст од Андреј Врабчев насловен како „Македонски концепт-што точно не разбравме, што го негираме“.

Врабчев важи за бугарски филантроп, кој се јавува во улога на донатор на повеќе активности во Република Македонија. Со оглед на значењето, наспроти должината, текстот го пренесуваме во скратена форма:

Во Северна Македонија се јавува нова политичка сила, наречена „Македонски концепт“. Таа ги повикува сите граѓани на државата, независно од нивното етничко потекло, да бидат сметани како Македонци. Идејата беше жестоко нападната од лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија и од други сили, според кои така се негирала самобитноста на македонскиот народ. Проектот беше нападнат и од некои бугарски националисти како г-дин Методиј Иванов. Зошто?

Што е најважното во појавата на платформата „Македонски концепт“ и зошто е таа важен сигнал за Бугарија? Големата новина, што е пропуштена во објавените коментари и анализи, е дека во Македонија изгрева политичка структура, која признава дека има живи македонски Бугари и е подготвена да ги вклучи во политичкиот живот на државата. Појавата на таквото однесување е знак за огромна промена во ставовите и означува нова политичка атмосфера во Македонија во која позицијата како оваа повеќе не е еднаква на политичко самоубиство.

Другата новина, што целосно го менува контекстот на кажаното и уште повеќе на толкувањата на некои критичари, е позицијата на Македонски концепт за историјата, според која, таа треба да се изучува преку оригинални документи во оригинална форма, а не преку државни историографии. „Историјата е наша и задолжително треба да ја изучуваме таква, каква што била. Тоа ќе биде еден внатрешен процес во македонското општество, внатрешна дискусија за објективизација, со цел заживување, будење на нашето вистинско културно и историско наследство. Вистина, тоа е болен процес, но тоа е единствениот начин да ја совладаме внатрешната криза на идентитетот и преку ново раѓање да се претвориме во камен, што ќе си тежи на местото“.

Меѓутоа, тенденцијата во Бугарија е да се постигне молскавичен резултат без напори и без никакви информации за психолошките и културните процеси во едно тешко индоктринирано општество какво што е македонското. Друга причина за таа тенденција за моментна победа е отсуството на вербата во успех, па така лесно се извинуваме за неспособноста или мрзеливоста. На сличен начин наоѓаме објаснување и за неспособноста на нашата политика и дипломатија во Македонија, а извинувањето е дека се попречуваат и оти како ништо да не зависи од нас. Затоа бараме успеси на тепсија без работа, без процеси, што ќе ги координираме.

Потпишавме договор, комисијата кажа каква била историјата и крај!  Со еден удар менуваме 100-годишни процеси и образованието на неколку генерации. Отсуствува разбирање за најважното-за тоа што ќе го создаде средината во која проблемите ќе се покажат решливи и смеѓни, а заедничкото културно наследство нема да се дели и да е повод за конфликти, туку знак за наше единство. А најважно е засилена и постојана комуникација на двете општества и на нивните културни елити. Не на официјалните елити-на луѓето на плата од државните и нивните послушни слуги, кои ги бранат идеологиите, што не делат. Не говорам за ти „елити“, туку за оние слободните и вистински автори и научници за кои слободата е скапа, но вистината е света, како што рекол Ботев. Меѓутоа, „Македонски концепт“ тоа го разбрал и го посочил:„Тоа е мостот преку кој ќе се поврзат македонското и бугарското општество. Тоа нема да бидат политичарите или „историските комисии“. Интелектуалците од двете страни на границата ќе ја завршат работата, интелектуалци со силен личен интегритет“.

Се согласувам дека изучувањето на оригиналните текстови беше посочено и во рамковната позиција, но кај Македонскиот концепт има една колосална разлика-предлогот доаѓа од внатре, од самото општество. Тоа е чин на слободната волја, а не потчинување на туѓ диктат. Освен тоа, тој додава и изучување на уметничка литература, што е чекор кон обединување во еден културен и духовен ареал, нешто што авторите на рамковната позиција едвај можат да го видат. Во Бугарија треба да разбереме дека процесот на преиспитување на историјата е внатрешен процес и притисокот од надвор само ги мобилизира нашите противници. Бугарија може да создава неопходен амбиент и затоплување на односите, што ќе обезбеди брзо и позитивно спроведување на тие процеси во Македонија, лишувајќи ги од политичко и идеолошко бреме.

Друг јасен сигнал за длабоката промена е предлогот за заедничко чествување на личности како Јаворов и изучувањето на биографијата на Гоце Делчев напишана од него. Поинаку кажано, проширување на заедничките херои и на историјата надвор оа македонските географски граници.

Софија доцни со позитивни активности и не развива никаква јавна дипломатија

Тој чекор ја нарушува удобната позиција на македонските историчари за кои заедничка историја има само кога споделуваме ѕаедничка управа, што ја потврдува нивната позиција за етнички разлики. Апсурдно или намерно, рамковната позиција тоа го прифаќа за периодот од 1944 натаму-немаме заедничка историја, а Бугарите се избришани со гумичка или магично се промениле?! Интересно, тогаш на која основа се добива бугарско државјанство?

Од критичарите на Македонскиот концепт кај нас ставениот акцент врз прифаќањето на бугарскиот како службен јазик попречува да се види поважното. Имено, за изучување на оригиналните документи во оригинална форма ќе биде неопходно и изучување на книжевниот бугарски јазик во Македонија. Изучувањето на оригиналните документи во оригинална форма ќе ги ослободи нашите општества од идеолошките стеги. Треба да посочиме на примерот за издавање на архивите на Гоце Делчев од двете држави како напор во вистинска насока. Тука следат серија прашања, што треба да си ги поставиме самите на себе, а не на Македонија: Кој бугарски јазик (правописна форма) треба да биде изучуван? Тој кој што и до денес се користи од „Македонска трибуна“ и е непознат за современите Бугари, со исклучок на мала група специјалисти, или сегашниот бугарски правопис, што беше отфрлен од Иван Михајлов? Имено, не треба ли тогаш и во Бугарија да го изучуваме тој бугарски јазик (правопис) или и ние ќе се најдеме во шизофренична ситуација-да учиме две норми на еден јазик?

Кој јазик и која изторија ги „брани“ БАН?

Веќе 30 години БАН не презема вистински чекори кон враќање на оној бугарски правопис, што јазикот го претставува во целина-источен и западен говор! Наспроти пишувањата на Благој Шклифов и по 30 години демократија истите патриотски настроени лингвисти ја сочуваа коминтерновската реформа, спроведена паралелно со македонската норма за да оствари една иста цел-зближување на бугарскиот (книжевната и македонската норма) со српскиот (пишувај како што зборуваш) и одалечување на литературниот бугарски од западните говори (македонска норма)? Или за таква декларација немало наредба од горе?

 

Каде беа политиколозите, социолозите и психолозите во БАН за да ги посоветуваат колегите лингвисти како да постапат за да има реални резултати, а не да направат скандал, што му служи на антибугарското расположение во Македонија? Скандал кој не одалечува едни од други и ја враќа Македонија во сферата на туѓо влијание во момент кога таа природно почнува да гравитира кон Бугарија. Ја изучуваме ли во Бугарија историјата на Бугарите останати зад границите како бугарска? Има ли во учебниците барем збор за Охридското илиза Тиквешкото востание? За битките на ВМРО со српските четници? Ги изучуваме ли писателите од Македонија како Кочо Рацин или Пулевски, Младен Србиновски и Миле Неделковски како бугарски автори? Па нели тврдиме дека пишуваат на бугарски? Не ги спречува ли комуникацијата и влијанието цврстата позиција околу јазичниот спор? Нели јазикот беше поставен како ограда меѓу нас, што ние самите ја креваме уште повисоко?

Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, посочува каде е позиционирана Бугарија во Македонското прашање и какви се нејзините недостатоци во остварувањето на нашите цели во Македонија. Тоа е особено корисно, зашто е поглед кон нас од самата Македонија.

Бугарското влијание  се спречува по две линии. Првата е српско-руската, која го поддржува конфликтот меѓу Бугарија и Македонија со цел, зачувување на силно влијание на Србија во Македонија. Втората линија е стравот на западните сојузници од засилување на руското влијание преку бугарското. Забележете-проблемот не е да има бугарско влијание, туку да не се дојде до засилување на руското влијание преку Бугарија. Што значи дека Бугарија нема влијание и доверба на независен играч во Македонија. Богојески подвлекува дека руското влијание и болшевизацијата на Македонија се реализираат не преку српското влијание, туку преку бугарската врска. Така Русија го чува српското влијание во Македонија од западно спротивставување и го ограничува бугарското преку нашето спротивставување на нашите сојузници во НАТО и ЕУ, инфилтрирајќи го своето влијание преку „бугарски“ врски во македонското општество. Така Русија останува сокриена зад западното и српското спротивставување на бугарското влијание и постигнува неколку цели-конфликт меѓу Бугарија и Македонија, конфликт меѓу Бугарија и евроатлантските структури, зачувување на водечката улога на Србија на Балканот и на нејзиното влијание во Македонија, но пред се на својата „невиност“.

Да потсетиме дека Србија ја искористи патриотската провокација на Каракачанов за да се врати гласно на балканската сцена, поддржана од Макрон, кој ја лансираше идејата за Мал Шенген, што е европеизирано име на рускиот проект Б4. Очигледно е дека спроведувачите на руското влијание се кријат зад својот гласен патриотизам и привидната заштита на националните интереси. Досега тие не произвеле ништо конструктивно во нашите односи со Македонија, но се наоѓаат во основата на сите кризи на нашите односи, во кои доаѓа до пресврт секогаш кога зближувањето ни зигледа возможно. Оттука произлегува и еден многу едноставен заклучок. Бугарија неправилно го одредува својот противник во балканскиот јазол-Македонија не е наш противник! Наш противник е Србија во Македонија. Цената на успехот на Бугарија во Македонија и на Балканот е отфрлањето на руското влијание. Цената што со драго срце треба да ја платиме! Тогаш нашите западни сојузници ќе добијат вистински партнер во Македонија и ќе можат да ја изолираат Србија, а ние да се зближиме со Македонија.

Појавата на „Македонски концепт“ е напад против ВМРО-ДПМНЕ, но и предизвик за ВМРО-БНД (кој е клучен коалиционен партнер на Борисов). Да потсетам дека Богојески побара од Мицкоски како лидер на ВМРО да даде одговор на прашањето што е Гоце Делчев, што тој не го стори. Барањето на Македонски концепт за автентичноста на идеите на ВМРО би требало да ги принуди двете организации, ВМРО-БНД и ВМРО-ДПМНЕ, да влезат во спор за својата автентичност. Ако не влезат во конфликт, тоа би значело дека тие се реално двете лица една иста паричка.  Ако влезат, пак, во спор, ќе им направат услуга на двете држави. Зашто, спорот околу личноста на Гоце Делчев беше претворен во основна пречка за зближување на двете држави од блиски до двете организации члнови на историската комисија. Би било одлично тој спор да престане да е меѓудржавен и да се претвори во спор меѓу Каракачанов и Мицкоски и така да стане „внатрепартиски“. Та, нели, и двајцата се ВМРО?

Од сето изнесено излегува дека играме српско оро со бугарски знамиња…Јас не го сакам тоа. Претпочитам иднина, што ја избраа македонските Бугари со нивниот флексибилен национализам за да ја спасат слободата и своето потекло-демократска Македонија на Македонците. Македонци такви какви што се разбирани во минатото, кога се родила таа идеја-секој кој е од Македонија. Дури и самио Ќемал Ататурк вели и јас сум Македонец, имајќи предвид дека е родум од Солун. Длабоко во бугарскиот Устав е залегната идејата дека Бугарија е еднонационална држава, што содржи етнички, религиозни и јазични различности и тоа е моќен фактор за стабилноста на општеството. Совпаѓањето на името на државата со најбројниот етнос во неа не тера да бараме нешто слично и во идејата за Македонија на Македонците. За тоа заслуга има и фактот дека забраната на секој регионализам по фијаското на македонизацијата, спроведена кај нас во пракса ја забранува употребата на зборот Македонци. Така што тој збор постепено доби значење, што и го даде Коминтерната-на луѓе различни од нас, а не на луѓе од Македонија, на Бугари од Македонија.

Имено, затоа го прифаќам Македонскиот концепт со неговата позиција дека „постепено, терминот „македонски“ треба да започне да се разбира како политички државен идентитет“. Со други зборови, не како етнички за да се поврати во почетната смисла, ниту како географски, туку како државен белег особено во мултиетничкиот контекст на Македонија. И уште:„Во минатото не сме имале држава и не сме имале можност да развиваме државен идентитет. Денес имаме држава и ја имаме таа можност. Македонец е граѓанин на Република Македонија, без оглед на неговото етничко или религиозно потекло“.

Македонските Бугари имаат потреба не од притисоци, туку од сигурна поддршка, зашто тие со во татковината Македонија и тие најдобро ги знаат и гледаат проблемите. Но, тие се и тие кои можат и треба да се пребројат за своите права по демократски пат. А Македонски концепт очигледно е единствената платформа, што официјално го прифаќа нивното постоење и право да се дел од политичкиот живот на сопствената држава.