Полицијата изминатиов викенд во акција низ Тетово и Гостивар открила малолетници кои престојувале и конзумирале алкохол во неколку угостителски објекти по 24 часот.

Според СВР Тетово, полициски службеници спровеле акциска контрола за откривање и законско санкционирање на угостителите кои овозможуваат престојување на малолетници по 24 часот и послужување со алкохолни пијалаци, во 11 угостителски објекти (ТЕ-6 и ГВ-5), лоцирани во централните подрачја на Тетово и Гостивар.

Во еден тетовски објект на улица „Илинденска“ затекнати се три женски малолетни лица кои конзумирале алкохол, додека во три гостиварски објекти на улица „Живко Брајковски“ и „Беличица“ затекнати се 14 малолетници кои престојувале по 24 часот, а четири од нив конзумирале и алкохол.

По целосното расчистување на сите поединости ќе следуваат соодветни поднесоци против сопствениците на угостителските објекти.