Ги решивме сите отворени прашања со соседите, македонскиот идентитет и јазик се бетонирани, во ЕУ ќе влеземе како Македонци, кои зборуваат на македонски јазик.

Ова се, главно, основните пораки, што ни ги праќаше и се уште ни ги праќа власта на чело со премиерот Зоран Заев по потпишувањето на двата договори за добрососедство со Грција и Бугарија, оној од Нивици и оној од Софија.

Но, предлог-измените на Законот за лична карта, што во Собранието ги предложи владиниот коалиционен партнер од власта БЕСА, на површина го изнесоа главниот проблем со кој се соочуваме, а тоа е употребата на етнонимот Македонец! Пратениците од БЕСА предлагаат образецот за личните карти на граѓаните да се дополни и со податоци за нивната етничка припадност. А, причините за законските измени ги гледаат во фактот дека сметаат оти и припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, но и заради усогласување со Уставот на земјава.

Како што вчера пишуваше Фактор.мк, извори од владејачкиот СДСМ наведуваат дека внесувањето на етничката припадност за нив не е проблем и оти тоа како намера било договорено и ставено во соопштение од една од владините седници уште пред две ипол години, односно уште пред да биде потпишан Преспанскиот договор, а со БЕСА тоа било договорено за предизборното коалицирање.

И сега следи главното, иако може да се протолкува и само како увертира кон тоа што претставува суштина. Истите извори од СДСМ наведуваат дека наспроти добрите желби и договореното со БЕСА, може да излезе друг проблем, за што, пак, веќе течеле консултации со партнерите од ЕУ, ама работите ќе се одлговлечеле малку, поради Божикните празници.

-Проблемот може да настане во тоа што во патните исправи не треба да стои етничката припадност, а како што е познато, со неколку држави ние како земја имаме склучено договор и личната карта да може, исто така, да се користи како патна исправа, како што се Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, односно во тие држави да може да се патува и со лична карта. Сега сакаме таков договор да склучиме и со Грција, но стравуваме да не излезе некој правен проблем околу тоа. Затоа и сакаме да се консултираме со нашите странски партнери, но тоа ќе го оставиме за по празниците. Затоа и ќе почекаме, да не направиме заради избрзување некој пропуст. Инаку, реално нема проблем да стои во образецот за лична карта етничката припадност, навеле изворите на Фактор.мк од СДСМ.

Веднаш по ова со фејсбук статус реагираше и екс-министерката за првда Рената Дескоска. За неа најавените законски измени претставуваат ретрограден процес, што нема да значат приближување кон европските стандарди.

-Впишување на етничка припадност во личните карти е ретрограден процес, кој е критикуван од Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Советодавниот комитет го критикува задолжителното впишување на етничката припадност во лични документи или интерни записи на административните органи, вклучувајќи ја и полицијата, како спротивно на правото на слобода на самоидентификација.

Затоа, овој предлог треба да се одбие! Измените во законодавството треба да носат подобрување и приближување на законите кон европските стандарди, а не ретроградни процеси во кои ќе отстапуваме од тие стандарди, кои веќе ни се имплементирани!, напиша Дескоска.

Ако е така како што вели Дескоска, тогаш зошто како министерка за правда дозволила ваквиот предлог да биде објавен во владино соопштение и уште повеќе, да биде дел од договор за предизборно коалицирање?! Очигледно некој има проблеми со вистината-или Дескоска или изворите од владејачкиот СДСМ.

За жал, ова не е суштината на проблемот. Суштината е што по усвојувањето на уставните промени произлезени од Договорот од Преспа, тогашниот министер за надворешни работи, а сега актуелен вицепримеир за евроинтеграции, Никола Димитров, со писмо го извести својот грчки колега Никос Коѕијас дека терминот Македонец не означува етничка припадност, туку државјанство.

Значи, кога како држава сме се откажале од етнонимот Македонец сега сакаме тој, со такво значење да стои во нашите лични карти!? И што очекува владејачкиот СДСМ-Грција и ЕУ да се согласат во нашите пасоши етнонимот Македонец да означува државјанство, а во личните карти етноним!?

Второ, за да биде иронијата поголема, бараме тоа дали сме етнички Македонци или не, да ни го кажат пријателите од ЕУ и дали, во крајна линија, тоа може да ни стои во личните карти!? Чисти апсурди со кои власта одново се поигрува со идентитетските чувства на Македонците.