Во очекување на потписот на указот на Законот за попис од претседателот на државата Стево Пендаровски, лидерите на владејачките партии пред јавноста ја објаснуваат важноста од оваа статистичка операција, која во земјава треба да се случи по 19 години од 1 до 21 април.
Премиерот и лидер на владејачката СДСМ повтори дека не гледа никакви причини за одложување на пописот, а очекува на почетокот на неделата Пендаровски по експертските консултации да го потпише указот за Законот за попис. Во однос на ставот на опозицијата му е драго што повеќе не го слуша повикот за бојкот и потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ нема потреба да собира потписи, бидејќи само еден пратеник може да поднесе нов или измена на друг закон.
– Не гледам ниту промил за негово одложување. Мене ми е драго што претседателот на државата уште еднаш со експерти, со едно непристрасно око да се види, да не испадне власта тврди едно, опозицијата, мал дел, македонската опозиција, условно кажано тврди друго заради тоа што албанската опозиција гласаше за законот. Тоа ќе биде уште еден коректив. И претседателот Пендаровски ќе соопшти, веројатно почетокот на наредната недела, веќе за неговиот став, рече вчера Заев.
Премиерот верува дека на сите им е јасно колку е значајна оваа статитичка операција и колку е голема должноста на сите граѓани за негово спроведување.
Во интервју за локална телевизија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на темата попис посочи дека сите кои живеат во земјава и имаат имот ќе бидат попишани. Тој уверува дека институциите ќе си ја вршат нивната работа, па така сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени со пописот. Ахмети појасни и како ќе се попишува дијаспората.
– Во врска со пописот имаше дебати, вклучително и јавни дебати. Тоа е статистичко прашање, а не политичко претпријатие, а таа операција мора да се заврши. Тоа од нас го бараат и релевантни меѓународни институции, како ООН и од ЕУ. Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние кои се во странство преку валидни документи од нивните роднини, тука или преку Државниот завод за статистика. Да се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но сепак, сите се жители на оваа земја, подвлече претседателот на ДУИ.
За очекувањата од резултатите, тој напомена дека Албанците не може да бидат помалку од 25 проценти, колку што биле и во 2002 година. Бројката ја образложи со констатацијата дека Албанците во Македонија имаат стапка на наталитет кој последниве години е зголемен.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не го поддржаа законот, од своја стана, го повикаа претседателот трезвено и професионално да постапи и да одлучи за прашањето за попис, иако сметаат дека Пендаровски и после консултациите ќе го потпише указот.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски влезено е во политички, а не во статистилки процес. Доказ за ваквото тврдење, според него, е тоа што заменик директорот на Државниот завод за статистика има право на вето на резултатите од пописот.
– И ајде да си ја поставиме дилемата, ако ова е статистички процес врз што ќе стави вето заменик директорот на ДЗС, праша Муцунски.
Муцунски смета дека Пендаровски ќе го потпише указот за Законот за попис, и оти нивната порака до него е тој да се консултира со објективни и независни експерти, за кои верува дека „ќе ги дадат голем дел од забелешките што ги дала ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој посочи дека во земјава постојат соодветни дата бази со кои може да се спроведе електоронски попис, кој, според него, може да биде поверодостоен по резултатите, но и многу поевтин и поефикасен.
Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз го поддржа носењето на Законот за попис во Собранието и во интервју за Гласот на Америка оцени дека тоа е важен чекор напред, бидејќи во земјава населението и имотот не е попишан речиси 20 години, а оваа статистичка операција е клучна за креирањето на идните развојни политики.
– Пред сè, многу сум среќна што Законот за попис помина во Парламентот. Уште повеќе што помина со поддршка на два опозициски партнери, и владината коалиција. Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, бидејќи точните податоци за населението се важен дел во планирање на иднината. Очекуваме дека Владата ќе осигури пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди информации кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината, изјави Брнз
Comments are closed for this post.