По сериозната шлаканица од Стеј департментот за забранетото патување на струшкиот градоначалник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко, и неговото семејство во САД, вмешаните судии и обвинители во целиот случај не треба да го чекаат најавениот ветинг, ниту некакви одлуки на надлежниот Судски совет или Советот на јавни обвинители. Без никакво размислување или консултации со партиите, чиј печат го носат, тие веднаш мораат да поднесат оставки!
А, нивните имиња и презимиња не им се познати само на САД, туку се познати и дома. Зашто, името на Рамиз Мерко беше предмет на работа на Државната комисија за спречување на корупцијата во неколку случаи. И тоа со години наназад, ама партиската и политичката моќ на власта го направија своето и струшкиот градоначалник остана „недопирлив мангуп од нашиот сокак“. И во овие документи се среќаваат и судиите и обвинителите, треба само одново да се отворат и прочитаат.
Координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, во интервју за Гласот на Америка на албански јазик изјави дека не може да сподели повеќе детали зошто Рамиз Мерко е ставен на американската црна листа.
Но, за потсетување, ќе споменеме само неколку примери по кои работеа антикорупционерите.
Прво и најзначајно е прашањето како Општина Струга и градоначалникот Мерко функционираа со блокирана сметка уште од пред десетина години? А, притоа вршеа јавни набавки, купуваа скапи автомобили, ги „уредуваа“ и уништуваа плажите, исплаќаа плати за вработените…
Антикорупционерите уште на 12 декември 2019 година поднесоа иницијатива до Основното јавно обвинителство – Скопје за поведување постапка за кривично гонење на Мерко заради постоење основи за сомневање за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење во службата. Причина беше набавката на четири автомобили во вредност од 114.000 евра, меѓу кои и фамозното ауди А6 во вредност од 66.700 евра. Ова беше потврдено и од ревизијата извршена од страна на Државниот завод за ревизија.
Но, наместо да постапи по иницијативата, обвинителот од скопското ОЈО иницијативата само ја препратил до струшкото ОЈО, кое ја ставило во фиока и не доби никаков епилог.
Индикативно е како претседателот на Струшкиот суд толку лесно давал согласност за работење на општината, иако нејзината сметка била со години блокирана по барања на доверителите. Па така, ревозорите ќе утврдат дека претседателот на судот определил износ од 50.425.000 денари месечно како минимум средства неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот, можат да се прифатат, бидејќи се работи за трошоци кои се нужни и неопходни должникот да ја врши својата дејност, а претставуваат износ од 65,66% од усвоениот буџет за 2017 година. Па, покрај оваа одредена сума уште еднаш е донесена одлука за нејзино зголемување, повторно во двоцифрен милионски износ и повторно со одобрување од претседателот на судот.
Во извештајот на ДЗР се споменуваат и многу државни институции и фондови од министерствата, што за разни проекти им ги давале на Општината и на градоначалникот Рамиз Мерко. На пример, за депонијата, за исплата на средства за социјална заштита, за нови вработувања, за функционирање и одржување на општинските јавни претпријатија, за изведени работи за капитални инвестиции, за користење на средствата за репрезентација, за договор за јавно приватно партнерство за јавното осветлување…
Има уште многу детали, што заслужуваат внимание, и прашање е дали работата треба и може да заврши со судиите и обвинителите, или треба и мора да оди и нагоре по вертикала, секако од страна на надлежните институции.
Comments are closed for this post.