Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со денешната работа посета на Австрија ја заокружи мини-дипломатската турнеја на која бараше поддршка за евроинтеграцијата на земјава.
Во Виена, Османи се сретнал со австрискиот сојузен министер за Европа и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, кому му се заблагодарил за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија за европската перспектива на Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување.
Оваа моја посета денес претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите – членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот, и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно, изјавил Османи.
Како што соопшти МНР, тој додал дека сме свесни дека процесот е сложен, дека не е едноставно да се постигне консензус, но, како што кажал, „ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават, сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ“.
Османи во Виена, според најавите, ќе биде примен и од сојузната министерка за Европска унија и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер.
Comments are closed for this post.