Почетокот на преговорите за Македонија ќе биде охрабрувачки сигнал до целиот регион, потенцира министерот за надворешни работи Бујар Османи во писмото испратено до десетици хомолози, шефови на дипломатии и 50-ина европратеници, во новиот обид да се добие поддршка во Брисел и Македонија конечно по 16 години кандидатски статус да излезе од чекалната на Европската Унија веќе во јуни.

-Усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со С.Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. , пишува Османи во писмото.

За сериозниот тест пред кој е исправен Брисел денеска зборуваше и вицепремиерот за европски прашања Димитров, на конференцијата посветена токму на 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Унијата. Тој цени дека само обединет Балкан во европското семејство, може да ги урне визиите за прекројување на границите.

-Статус ковото не е добро ниту за Балканот, ниту за ЕУ. Оваа појава на нон пејпери кои се предмет на дебата, е резултат на бледнеењето на европската идеја во регионот, изјави Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања

А, регионот втор ден го бранува новиот нон – пејпер, објавен за само две недели. Документот чии детали ги објави на приштинскиот весник „Коха Диторе“ наводно иницира конечен договор меѓу Србија и Косово до следниот март. Нон пејперот предвидува Белград да го признае Косово и да дозволи Приштина да се интегрира во меѓународните организации. За возврат, Северно Косово би добил автономен, Српската православна црква привилегиран статус, а Митровица би била заедничка економска зона. Медиумот наведе дека креатори на документот се Германија и Франција, но и од двете земји категорично отфрлија каква било инволвираност со содржината.