Уставните измени да се усвојат до крајот на скринингот, повика словенечката шефица на дипломатијата Тања Фајон, која е во посета на земјава. Според неа, прашањето за членство во Унијата на Словенија ги обединило сите политички субјекти и очекува тоа да се случи и тука. Фајон се надева на натпартиски консензус за евроинтеграцијата.

Ги повикувам сите политички сили да го поддржат патот на единството, одговорноста и посакуваме до промена на Уставот да дојде согласно временската рамка, тоа значи да може да се продолжат преговорите без дополнителни оптоварувања, односно да не се доцни и да се усвојат до крајот на скринингот на законодавството – рече Фајон.

Словенечката министерка понуди поддршка за време на преговорите со Европската комисија и истакна дека 2030 година е реална цел за зачленување во Унијата на Македонија. Домаќинот Бујар Османи пак, побара нов рамковен договор за оваа цел да биде остварлива.

Доколку навистина сакаме 2030 да ни биде годината кога ќе бидеме членка на Европската унија ние мора да си подадеме рака, овде, помеѓу власт и опозиција, односно политичките партии дека оваа тема ќе ја тргнеме надвор од дневно-политичкиот натпревар и препукувања. Нас ни треба нов Рамковен договор за Европската унија – рече Османи.