Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во одговор на новинарско прашање истакна дека неговата програма нуди системски пристап за решавање на сите проблеми во општината, нагласувајќи дека визијата за Чаир не е лична, ниту партиска агенда, туку граѓански и општествен договор што обврзува секоја идна локална власт, се наведува во денешното соопштение од неговиот тим, што МИА го пренесува интегрално.
Тој објасни дека штом граѓаните ќе ја поддржат оваа визија на 19 октомври, таа ќе стане обврска.
„Кога граѓаните ќе ја одобрат оваа визија како вистинското решение, тогаш таа станува обврска за секоја политичка сила. Тоа повеќе не е мое лично прашање, ниту прашање на некоја изборна програма. Станува обврска на секој што ќе работи во рамките на оваа визија“, нагласи Османи.
Тој потсети дека во изминатите 20 години Чаир се водел без визија, без план и без стратегија, што резултирало со хаос, секојдневни политички, изборни и комерцијални притисоци.
„И самите гледате, денес тврдат дека ангажираат некого да направи урбанистички план. Но, план не се прави по 20 години. Тоа значи дека самите признаваат дека 20 години работеле без визија“, рече Османи.
Тој посочи дека во неговиот пристап нема да има импровизации, туку јасна рамка во која ќе се реализираат сите проекти, големи и мали.
„Јас започнав поинаку, со јасна визија. Моето ветување е едноставно: нема да се помести ниту еден камен надвор од оваа визија“, додаде тој.
Како дел од првите чекори за спроведување на програмата, Османи најави план за итни решенија во урбаното функционирање на Чаир, со конкретни мерки што ќе започнат веднаш по изборите.
„Ќе започнеме со ‘Интервентна, итна траса’, конкретен план што започнува веднаш. Со итни интервенции ќе ја зголемиме безбедноста, ќе ги ослободиме непотребно блокираните ленти и ќе го олесниме секојдневното движење на граѓаните“, објасни Османи.
Тој најави и формирање на пет кризни штабови веднаш по прогласувањето на вонредна состојба во Чаир: за чистота, за бесправни градби, за паркинзи, за борба против корупцијата и за јавна безбедност.
„Во рамките на овие мерки, Чаир ќе почне полесно да дише,“ изјави Османи
Comments are closed for this post.