Не е утврден конкретниот датум за формалната четврта рута преговори меѓу политичките партии за новиот закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, меѓутоа неформални комуникации има секој ден. Се уште има простор да се изнајде решение кое би ги задоволило сите страни и да се донесе овој закон со консензус. Очекувам да продолжат разговорите за да се постигне консензус по примерот на консензусот што се постигна со Законот за антикорупција и конфликт на интереси. СЈО е едно од трите основни столба на нашиот систем за борба против корупцијата и на нашиот обид за враќање на владеењето на правото.
Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашања по средбата со новинарите.
– Добар е фактот што Владата односно Министерството за правда ги прифати основните принципи на опозицијата во поглед на овој закон и добро е што опозицијата возврати со конкретни предлог амандмани, што значи дека влегуваме во сериозни разговори за изнаоѓање решение. Тоа што не смее да се случи е да се разводни суштината на оваа институција односно на овој закон, меѓутоа сметам дека се уште има простор да се најде решение кое би ги задоволило сите страни и да се донесе овој закон со консензус, имајќи го предвид фактот дека кредибилитетот на институтицијата и одржливоста ќе биде уште поголема доколку се постигне консензус по однос на ова прашање, рече Османи.
Во врска со тоа што значи разводнување на суштината на оваа институција, појасни дека станува збор за двата основни принципи и тоа автономија во функционирањето на едно вакво посебно антикорупциско обвинителство и завршување на сите индиции што се произлезени од прислушуваните материјали. Тоа се два основни принципа кои не смеат да се разводнат, истакна Османи и додаде дека смета дека меѓу нив можеби се уште има простор да се разговара со сите политички партии и дека треба да се разговара за сите прашања околу овие два принципи.
Во врска со преписката на претседателот на Собранието, Талат Џафери и министерката за правда Рената Дескоска, рече дека апсолутно е во право Џафери кога вели дека само Собранието е тоа што може да ја диктира динамиката на Законодавниот дом.
– Ако Џафери нешто постигнал во овој мандат е да ја врати улогата на Собранието и субординираноста на сите други институции наспроти Собранието. Мислам дека идејата на министерката не беше да го потцени Собранието, разговарав и со неа, туку тоа беше повеќе во смисла доколку постигнеме договор ќе го замолиме Собранието да излезе во пресрет. Тука сметам дека можеби несоодветно изразување во комуникацијата со Собранието создаде гнев кај него. Тоа не потсетува дека не избрало нас и не можеме да го диктираме. Но, мислам дека тоа не беше намерата на министерката, туку дека ќе бараме како Влада од Собранието да ни овозможи простор ако се постигне консензус, нагласи Османи.
Според него, фактот што веќе се почнало со конретни разговори за конкретни предлози дава можност да се изнајде решение.
– Треба да се охрабрат политичките партии да продолжат да комуницираат, бидејќи кога се успеа да се најде решение за многу други прашања, мислам дека и во овој дел може да најдеме решение. Најпрво е важно да се постигне консензус, додаде Османи
Comments are closed for this post.