Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој престојува во работна посета на кралството Шпанија, оствари средба со министерот за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Кралството Шпанија, Луис Марко Агуириано Налда, кој воедно е претставник на државата во ЕУ.

Меѓу нашите две земји никогаш немало политички недоразбирања, напротив, поддршката за нашите европски интеграции од страна на Шпанија претставува континуитет, што ги следи нашите односи уште од самото осамостојување на земјата, истакна Османи на средбата, пренесувајќи благодарност во името на Владата за поддршката од страна на Шпанија за европските и евроатлантските интеграции на земјанава, како и за билатералната помош, особено изразена преку твининг проектите меѓу двете земји.

Османи реферираше и за динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, како основа за следниот извештај на Европската Комисија, за кои Османи изрази уверување дека по квалитет ќе го надмине минатогодишниот, и ќе обезбеди солидна основа пред јунските самити на Советот на ЕУ.

Веќе не постои дилема дека политичките пречки за нашиот напредок се отстранети, а динамиката на реформската агенда ќе обезбеди чиста позиција за конфирмација на одлуката за почеток на преговори со ЕУ оваа година, заклучи Османи.