Вицепремиерот Бујар Османи му испратил порака на поранешниот припадник на УЧК, Томор Морина, за да го увери дека нема шанси да биде ексрадиран. Иако судот не му дозволи на Османи да го посети Морина кој е во притвор, тој во изјава за ТВ21 вели дека ја почитува судската одлука, но дека сепак пронашол начин да му се обрати и да му даде до знаење дека прават сѐ за да не биде екстрадиран во Србија.
„Најдов начин да му испратам порака на господинот Морина дека ги активиравме сите домашни механизми за да ја разјасниме ситуацијата и што поскоро да се донесе позитивна одлука за него и да се гарантира дека нема теоретски шанси да биде екстрадиран во Србија, како и дека она за што се ангажирам е да биде ослободен од притвор додека не завршат постапките во Министерството за правда и додека министерството не донесе одлука дека нема да биде екстрадиран“, рече Османи.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на косовскиот амбасадор, Ѓерѓ Дедај дека екстрадицијата може да ги наруши односите Косово-Северна Македонија, Османи дециден дека испорачување нема да има, за што очекува одлуката да биде донесена уште в понеделник.
Српските медиуми посветуваат големо внимание на случајот со косовскиот државјанин Морина, кој беше притворен во Македонија поради потерница од Интерпол и барање на српските власти за злосторства во Косово во 1999 година.
Белградски „Б92“ со наслов: „Не грижи се, Морина, нема да бидеш испорачан“, пишува за изјавите на вицепремиерот Бујар Османи.
Деновиве се очекува одлуката на македонското Министерство за правда дали ќе го испорача на Србија или ќе го ослободи.
Comments are closed for this post.