Грција може да биде најдобар пријател на Македонија и нејзин најголем сојузник – порача грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас по средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Дендиас кажа дека Грција ја пречекала Македонија во НАТО, и ги поддржува евроинтегративните перспективи на земјава врз основа на новата методологија. Европската Унија како што кажа тој, има обврска да го одржува проширувањето на маса, во спротивно според него би се отворила можност за дестабилизација на регионот. Но, сепак не заборави да го спомене и Преспанскиот договор и побара негово целосно спроведување. Според него, кристално јасно било тоа што се случувало во антиката и побара од Османи тоа да го пренесе македонските граѓани.

Поголем напредок е потребен. Од една страна за спроведувањето и конзистентната употреба на името и терминологијата од сите јавни институции и приватни субјекти. Вклучително и веб-сајтови. Од друга страна пак за отстранување на програмата за антиквизација. Отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на јавни патишта и институции. Драг министер, мораме да кажам дека кристално јасно во договорот од Преспа е тоа што се случувало во антиката и едно нешто е јасно. Со цела должна почит, вашите сонародници, вие го прифативте тоа, не војувале со Александар Велики. Тие не биле присутни во битката кај Граник, кај Ис, во Гавгамела, изјави Никос Дендиас – Министер за надворешни работи на Грција.

Шефот на македонската дипломатија Османи не одговори директно на ставовите на Дендиас, но вети доследно почитување на преспасбнкиот договор..

Двајцата министри денеска во Атина потпишаа три меморандуми, со кои меѓудругото се предвидува зголемена економска соработка меѓу двете држави.

Се соочуваме со сериозни инфраструктурни и енергетски проекти, преку изградбата на интерконекторот за трансмисија на гас, поврзување на државите со гасовод, реконструкција на постоечките нафтени цевководи. Учество во изградбата гасниот терминал во Александропулис,истакна Бујар Османи – Министер за надворешни работи.

 

Економската соработка, енергетскиот сектор и интер контективноста се во прв план во нашите проекти за зголемена соработката. Има уште многу да се направи врз основа на нашиот билатерален акциски план. Мора да охрабриме зголемена трговија и нови инвестиции. Тие имаат потенцијал да донесат повеќе работни места и просперитет во нашите две држави,вели Никос Дендиас – Министер за надворешни работи на Грција.

Согласно договорот од Преспа, Македонија и Грција имаат формирано две комисии, од кои Заедничката комисија за историски, археолошки и образовни прашања како што е нејзиното целосно име беше формирана со цел да се пречистат учебниците од иредентистички и ревизионистички референци. Втората комисија пак составена од експерти е задолжена да ги реши прашањата поврзани со трговските марки. Таа има рок до 2022 година да дојде до некаков договор за трговските марки, ознаките и комерцијалните имиња за терминот „Македонија“ или „Македонски“.