Додека власта е оптимист и очекува да добие датум за преговори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека нема да добиеме зелено светло во Брисел.

Според владејачкото мнозинство како што велат Северна Македонија докажала дека е успешен модел во Западниот Балкан и дека конфликтите може да се претворат во пријатлество.

Од друга страна опозициската партија вели дека нема реформи и дека наместо премиерот Зоран Заев да ги засука ракавите да почне да работи на проблемите со кои се соочува државата, за да им обезбеди европска иднина на граѓаните, главна преoкупација му е со каков мотор ќе се вози.

Неизвесноста останува до јуни. Но што доколку не добиеме датум?  Дали за тоа ќе бидат виновни некои земји членки на Унијата или Владата заради реформите ?

Во својата последна колумна новинарот Сашо Ордановски говорејќи токму за реформите и датумот ќе напише:

„Вклучително и оваа второкласна драма со неизвесноста за добивање на датумот за старт на преговорите со Унијата – како нашите реформи да зависат од кој било датум што веќе одамна не е пропуштен и од тоа дали Французите, конечно, ќе се завртат зад сопствениот задник за да видат дека светот постои и надвор од вртењето в круг околу Триумфалната капија во Париз“.