Единицата за специјални задачи „Тигри“ е синоним за професионалност, за максимална подготвеност и храброст, подготвена да се спротивстави на каков и да е зададен предизвик. Ова е единица на луѓе со висок морален, етички кредибилитет и интегритет. Тоа многупати досега е докажано и убеден сум оти тоа ќе се докажува и во иднина во одбраната на стабилноста, безбедноста и уставниот поредок на Република Северна Македонија, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното одбележување на 38 години од формирањето на Единицата за специјални задачи „Тигри“ во скопската касарна Илинден.

Да се биде припадник на Единицата за специјални задачи, нагласи, е голема чест, а можеби поголема е и обврската која бара исполнување многу високи индивидуални човечки перформанси и професионални стнадарди.

Пред Вас стојат и големи очекувања, немам дилема дека како и досега, така и во иднина дека ќе ја докажувате својата стручна и лична посветеност кон професијата што сте ја избрале, но примарно кон заштитата и безбедноста на законите и на граѓаните на нашата земја, како базични работни задачи, рече Спасовски. Потсетувајќи на припадници на полициските „Тигри“, кои го загубија животот извршувајќи ги професионалните задачи, тој истакна дека тоа е огромен залог, што не треба да биде заборавен, а не обврзува сите да го чуваме и негуваме споменот на нив.

Како актуелно раководство на МВР, подвлече Спасовски, наша примарна обврска е постојано да бидеме насочени кон воспоставување услови и стандарди, кои ќе значат динамично приспособување на Единицата кон сите зададени безбедносни предизвици и задачи.

Високата позиционираност и квалитет се силно обврзувачки и мотивирачки да продолжиме уште поинтензивно во процесите на севкупна професионална организација унапредување, надградба на овој суштински столб на полициското работење, нагласи во обраќањето министерот Спасовски.

Митко Даневски, командант на полициските „Тигри“ истакна дека денес во борбата против тероризмот и најтешките облици на организиран криминал единицата зазема важна улога во безбедноста на државата.

 Единицата, како еден од столбовите на безбедноста ќе остане и понатаму високо обучена, мотивирана и професионална формација, која во соработка со останатите субјекти во системот за одбрана и безбедност ќе го чува  мирот, безбедноста и спокојот на граѓаните, порача командантот на „Тигрите“, Даневски.

Следејќи ги општествено-безбедносните случувања, пред се новите облици на тероризам и организиран криминал, а со цел за нивно спречување и сузбивање, најави дека фокусот на единицата ќе биде ставен на покревање и усовршување на методите и техниките на обученост и доопремување со материјално-технички средства. Заблагодарувајќи се на поддршката од МВР, информира дека се обезбедени комплет нови униформи во урбана и рурална средина, за сите припадници на единицата е извршена набавка и дополнување на снајперските и алпинистичките тимови со специјална опрема, а двократно се покачени и личните примања.

Припадниците извршуваат најчесто задачи во високо ризични непредвидливи и крајно екстремни ситуации, во кои несебично се жртвуваат за постигнување на целта, дури и по цена на сопствениот живот, рече меѓу другото Даневски. И тој ги спомена и седуммината, како што рече, херои, кои вршејќи ја својата должност, штитејќи ги уставниот поредок, мирот и безбедноста на граѓаните ги дадоа сопствените животи. На тој начин, подвлече, ни поставија високи морални и професионални норми, како пример за нас и за идните генерации.

На одбележувањето на Денот на единицата, беа доделени благодарници и признанија, а на најдобриот во Единицата „Тигри“ во 2018 година Драган Прокопоски му беше доделена тактичка пушка -сачмарка. Најдобриот „Тигар“ им порача на своите колеги да го негуваат тимскиот дух и да вложат максимални напори во извршувањето на професионалните задачи, но пред се да бидат трпеливи.

Пред зградата на „Тигрите“ на споменикот на загинатите припадници беа положени венци од страна на раководството во МВР, нивните колеги од единицата и од нивните семејства.